По три децении „молење“, граѓаните конечно добија семафори на крстосница во Ѓорче Петров

Фото: Фејсбук на Данела Арсовска

Град Скопје постави семафори на крстосницата на булеварот Ѓорче Петров со улиците Мајски Манифест и Знеполе. Семафорот е поставен после долгогодишни барања од жителите кои живеат во овој дел од градот, затоа што, како што информира градоначалничката Данела Арсовска, оваа крстосница важи како една од најцрните сообраќајни точки во Скопје, а поставувањето нов семафор и покрај барањето на жителите било игнорирано од надлежните со години.

Безбедноста на граѓаните на градот Скопје е приоритет за градската администрација, поради што во рамки на кампањата за подобрување на безбедноста на сообраќајот во главниот град на главните детектирани сообраќајни црни точки се имплементираат нови решенија за зголемување на безбедноста и сигурноста за сите учесници во сообраќајот, меѓу кои и овој семафор – вели Арсовска.

Во коментар на нејзината објава на Фејсбук, многу граѓани посочуваат и други локации каде е неопходен семафор, како на пример во Ново Лисичре на последна 5-ка, на улицата Борис Сарафов во Ѓорче Петров, како и на првиот влез во Пинтија, на крстосницата на булевар Борис Трајковски со улицата Саса 2 каде што се наоѓаат училиште и детската градинка.

Итно поставување семафори бараат и граѓаните од Аеродром, на крстосницата на улиците Васко Карангелевски и Ангел Динев, каде во моментов и возачите и пешаците чувствуваат дека е небезбедно за минување.

Се очекува Град Скопје да преземе мерки што побрзо на оваа улица и да не ги остави граѓаните три децении да молат за семафори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот