П(л)атарина

милорад стојмановски
Милорад Стојмановски / Фото: Слободен печат

Иако Владата најавува кратење на непотребните трошоци и вработувања, патарините нема да ги чепне. Некогашниот „рудник за кеш“ пред воведувањето на фискализацијата и натаму останува фабрика за вработување партиски послушници. Надоместокот за користење на автопатите што го плаќаме е всушност арач што може да се нарече платарина.

Морате повеќе да работите на подобрување на патната мрежа, од неа и од транспортот зависат и економијата и странските инвестиции, нагласи во понеделникот нобеловецот Пол Кругман во неговиот настап на Скопскиот економски форум. Овие зборови сигурно ги слушнал и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, кој само неколку дена претходно без срам и перде се пофали, заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) Ејуп Рустеми, дека десната лента од Требеништа до Охрид на автопатот во изградба Кичево – Охрид ќе биде пуштена за Илинден. За да може со пукот од црешово топче, по осум години стоење пред семафори и неработа на патот, да го одбележиме завршувањето на десетина од вкупно 57-те километри автопат кои државата ја чинат повеќе од 600 милиони евра. За левата лента ќе почекаме.

Симптоматично е што функционерите, на кои пи-арот им е поважен од ефектот на нивната работа, ретко се „сликаат“ покрај пропустите во нивното работење. Во исто време кога Бочварски и Рустеми набројуваа колку работници и механизација има на автопатот во изградба, на дел од магистралниот пат Скопје – Блаце се возеше наизменично, по една лента, поради одронот кај „Вражји вир“. Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов не успеа да ја провери навреме и оваа карпа за да укаже на опасноста од нејзино паѓање.

Процедурите често го заплеткуваат одржувањето на патната мрежа, но тоа не смее да биде изговор кога коловозите се небезбедни. Бочварски, како штипјанец, често минува покрај карпите што пред повеќе од шест месеци се струполија врз најновата автопатска делница Миладиновци – Штип. Овој одрон блокира една лента од патот кон Штип, а расчистувањето не е почнато, зашто ЈПДП уште ги разгледува понудите на тендерот од фирмите расчистувачи. Изградбата на овој автопат чинеше 177,3 милиони евра, без делот за изградба на патарини. Едната од наплатните станици за малку ќе беше и свечено пуштена во употреба ако не ја урнеше возач кој со камион влетал во недовршена кабина.

И овој инцидент е само потврда дека и како возачи сме недисциплинирани, колку и да е ревносна полицијата со радарите. Брзањето, пак, често е поттикнато и од колоните од возила што се создаваат на патарините од Куманово до Гевгелија, но и кон Гостивар. На 60-ината километри од Скопје до Гостивар четирипати се спушта рампата на државата пред слободниот проток на луѓе, стоки и возила. Бензинот што притоа се троши и што загадува е дополнителен несакан ефект. Покрај ова, со децении не се најде сообраќајно решение за крстосницата на излезот од Гостивар кон Кичево, каде на магистрален пат има семафор. Возењето по делницата Тетово – Гостивар се наплаќа како да е автопат, а на знаците покрај патот пишува 80 км/ч! За тие пари добиваме огромна доза несигурност поради честото непочитување на ограничувањето на брзината и несоодветните приклучоци кон околните села, без дополнителна лента.

Државата редовно го наплаќа делот за одржување на патиштата при секоја регистрација на возилата, а јавните претпријатија постојано се жалат дека немаат доволно вработени и механизација. Предлозите за промена на моделот за наплата на патарините, со цел да останат повеќе пари за државните претпријатија, досега наидуваа на рампа. Популарните вињети кои се применуваат во Бугарија, Австрија, Словенија, Унгарија… се позитивно искуство, зашто им заштедуваат време и гориво на возачите и на транзитните туристи, но сите досегашни влади му останаа верни на системот „тргни-застани на секои 20 километри“. А од кого очекувате промена? Од Бочварски, кој даде изим за продолжување на легализацијата на дивоградбите и кој протнува измени на правилници за да продолжи бетонизацијата на градското зеленило? Или од кадарот на ДУИ Ејуп Рустеми кој се докажа како директор на загубарот „Македонски пошти“!

Иако Владата поради кризата најавува кратење на непотребните трошоци и вработувања, патарините нема да ги чепне. Некогашниот „рудник за кеш“ пред воведувањето на фискализацијата, и натаму останува фабрика за вработување партиски послушници. Поради тоа надоместокот за користење на автопатите што го плаќаме е всушност арач кој може да се нарече платарина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот