Петков повика на национално обединување: Мора да имаме заеднички став РС Македонија

Кирил Петков, премиер на Бугарија/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Бугарскиот премиер Кирил Петков пред новинарите во Пловдив зборуваше за односите со Република Северна Македонија и ја коментираше изјавата на министерката за надворешни работи Теодора Генчовска дека има разлики во ставовите на МНР и тимот за надворешна политика на Петков.

-Има само една политика, а тоа е политиката на Бугарија, таа треба да помине само преку институцијата Парламент. Не само владејачката партија, туку и опозицијата мора да се обедини. Никој нема да може да протурка ниту една позиција што не поминува низ бугарскиот парламент. Мора да имаме заедничко единство за РС Македонија, рече Петков, пренесува БГНЕС.

Шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска која утре заедно со Петков доаѓа во Битола на покана на здружението на македонските Бугари изјави дека има сериозни разлики меѓу Министерството за надворешни работи и тимот за надворешна политика на премиерот Кирил Петков за прашањето за евроинтеграциите и преговорите со Република Северна Македонија.

Таа рече и дека не постои документ меѓу Северна Македонија и Бугарија што е основа за преговори.

-Речиси ниту една од другите четири точки од Протоколот 4 + 1 не е спроведена од Скопје, појасни таа и додаде дека нема време до крајот на француското претседателство да се отвори Уставот на Република Северна Македонија за во него да се регистрираат Бугарите како државотворен народ.

Препукувањата меѓу премиерот и министерката кои се од две различни партии во владејачката коалиција, дојде по објавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека постои документ како основа за договор со Бугарија прифатлив за македонската страна, но се уште нема одговор дали тој е прифатлив и за Софија.

Утре министерот за надворешни работи Бујар Османи заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на МЕПСО, Орхан Муртезани ќе ја пречекаат бугарската владина делегација предводена од премиерот Кирил Петков и министерката за надворешни работи, Теодора Генчовска.

Двете делегации ќе остварат посета на далноводот кој тргнува од „Битола 2″ и е дел на проектот за енергетско поврзување на Коридор 8, наменет за реализација на интерконекцијата Северна Македонија-Албанија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот