Петков: Бугарија нема да прави ништо под притисок во врска со Македонија

Фото: Димитар Ковачевски/Фејсбук

Бугарија нема да прави ништо под притисок во врска со Северна Македонија, изјави денеска бугарскиот премиер Кирил Петков, коментирајќи го развојот на односите меѓу Скопје и Софија, јави БГНЕС.

– Ништо нема да правиме под притисок, изјави Петков при посетата на местото Садово, кое беше погодено од град.

Петков истакнал дека Бугарија се обидува да види дали нејзините барања и потреби за поддршка на Бугарите во Македонија можат да бидат гарантирани преку европскиот процес.

– Ќе оставам на Министерството на надворешни работи, затоа што тие преговараат токму сега. Прашање е дали преку европскиот процес може да се гарантира бугарската позиција, а не некој да не притиска за било што, додаде Петков.

Францускиот претседател Емануел Макрон, синоќа имал телефонски разговор со бугарскиот претеседател Румен Радев и со македонскиот премиер Димитар Ковачевски, соопштија од Елисејската Палата.

Макрон е подготвен да ги пречека во Париз Ковачевски и Радев „кога ќе дојде време“ со цел да се склучи билатерален договор што ќе овозможи отворање на преговорите за пристапување на Македонија во ЕУ.

„Франција, која претседава со ЕУ до 1 јули, веќе неколку недели ја поддржува потрагата по решение за спорот меѓу двете земји. За време на разговорите, Макрон ја изрази својата целосна поддршка за договор меѓу двете земји, како и почитување на основните права на граѓаните кои изјавуваат дека припаѓаат на други заедници или на малцинства“, информираа од Елисејската палата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот