Петар од Украина: Патот до Македонија е предолг за моето тримесечно бебе

Украина знаме / Фото: EPA-EFE/ZURAB KURTSIKIDZE
Македонците во Украина со своите семејства веќе една недела ја живеат воената инвазија на Русија под голем стрес и во неизвесност. Македонецот Петар со кого контактираше Слободен печат, е во украинскиот град Запорожје и вели дека не планира да ја напушти земјата и да ризикува да остане без храна за бебето кое има три месеци, а и засега во неговиот град, состојбата се издржува.
-Ако не е возможно за Украинците да направат коридор за евакуација, тешко дека македонската амбасада ќе направи. Не би тргнал со автомобил зашто го имам искуството на моите соседи од зградата, Украинци кои завчера со автомобил тргнаа накај Полска и веќе кај првиот град ги пречека колона и 14 часа заглавиле таму. Не знам дали стигнале до Полска. Друг пријател на граница со Полска ми кажа дека на границата е лудило и гужва за излез од Украина. Засега одлично сме снабдени цела фамилија и не би тргнал во овие воени услови накај Македонија. На почетокот на војната да, но сега не, вели тој за Слободен печат.
Тој додава дека сака предност да им даде на македонските државјани во попогодените градови низ Украина како Киев и Харков.
Многумина ми рекоа да мислам на бебето. Баш зашто мислам на него не би тргнал на таков долг пат. Зашто тука сум снабден со храна за бебето и лекови за три месеци, а на пат колку би можел да земам, еден или два пакети? Што ако не ми стигнат? Да бев во Киев ќе сакав веднаш да се евакуирам, но во Запорожје војската добро се снајде. Русите се обидуваат да влезат и бомбардираат, но нашите ги туркаат и не им дозволуваат. Има сирени, по некое пукање но не е како во Киев. Кај нас е делумно нормална ситуацијата и има полициски час од 7 навечер до 6 наутро. Луѓето си помагаат, војската и владата помагаат, безбедни сме. На улиците има цивили до 19 часот навечер, транспортот работи, во аптеките има метеж ама сите поголеми продавници се снабдени со леб и сите работи. Има волонтери, отворени места каде тие што немаат има каде да седнат и да јадат. Решив да останам со семејството тука, зашто заедно сме посилни. Имаме продавница за цвеќе и денес ја отворивме да не пропадне цвеќето. Кога има сирени се криеме во подрум па излегуваме надвор,  додава тој.
За разлика од овој Македонец кој една година живее во Украина, има 50 македонски државјани кои мака мачат на некој начин да излезат од Киев. Таков е случајот со Сашо Андонов, кој за Слободен печат вели дека се обидува преку пријатели да се префрли на другиот брег на Киев за да биде поблиску до центарот и амбасадите кои вршат евакуација на наши државјани за Полска.
-Ме контактираа од МНР но мислам дека немаат доволно информации за тоа дека цел Киев е затворен и дека е голем. Два дена не можам да се префрлам на другиот брег од градот. Со денови само читаме, ѕвониме се јавуваме. Гледам вести и веќе почнувам да плачам како мало дете. Од МНР ми предложија дестинација 30 километри надвор од Киев, каде што имало трговски центар и хотел но премногу е далеку и нема како да се стигне. Јас ако можам да најдам транспорт до таму, сам ќе си отидам до граница. Најголемиот проблем е да се излезе од Киев. Пред продавниците е хорор. Чекавме час и половна за да влеземе вчера, а полиците се полу празни. Премногу е страшно, гледаме и слушаме авиони кои прелетуваат со супер брзини. Се криеме и чекаме да не спаси Господ. Таксистите не работат, автобусот и метрото не работат, само три линии се во функција и ниедна не поминува во мојата населба. Бараме чаре по пријатели и колеги и им вртам постојано, се надевам дека ќе најдам некој да ме префрли на другата страна од Киев. Има многу контроли на мостовите, објаснува Андонов за Слободен печат.
Министерството за надворешни работи вчера истакна дека се прават големи напори да се евакуираат педесет македонски државјани и нивните семејства од Украина. Дваесетмина од нив се лоцирани во Киев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот