Пет проценти

„А младото игуменче секоја вечер пет проценти, нели!“, смеејќи се го задеваше капетанот младиот свештеник додека сите војници околу масата се смееја, а игуменот ја менуваше бојата на лицето…“

За колегите од помладите генерации, извадокот е од прочуениот роман на Ернест Хемингвеј „Збогум на оружјето“, кој беше дел од задолжителната лектира во едно време кога сè уште се читаа книги. Романот е прекрасна антивоена приказна, зачинета со една несреќна љубов меѓу младиот поручник Фредeрик Хенри и медицинската сестра Катрин Баркли, подоцна овековечена во филмот „Воена љубов“ со Крис О’Донел и Сандра Булок. Суштината на шегите на капетанот е тоа дека младиот игумен мастурбира секоја вечер, а тоа е само пет проценти од вистинскиот секс. Во периодот кога ние читавме лектири, оваа шега беше дел од нашиот вообичаен вокабулар поради тоа што вистинскиот секс во тоа време беше невозможно далеку од нас. Како што, впрочем, е и сега.

Не е тешко да се погоди дека овој увод е направен по повод најавата за покачувањето на платите на здравствените работници за пет проценти кое лично го соопшти премиерот во друштво на шармантната министерка за финансии, госпоѓа Нина Ангеловска. Целата слика, всушност, беше слична или иста со онаа од 22 септември 2018 година, кога во полусвечена атмосфера беше најавено зголемување на платите во јавната администрација (а таму сме и ние, добога) повторно за пет проценти, во присуството на министрите за здравство, образование, финансии и социјални прашања. Тоа, за нас некако значи дека секој септември доаѓаат нашите 5 отсто. Слично како и младиот игумен и неговите 5 отсто секоја вечер, во романот на Хемингвеј.

За волја на вистината, во меѓувреме пораснаа додатоците за дежурствата, ноќната и празничната работа. Без да го потценам секој денар зголемување, кој е бездруго добредојден за сите здравствени работници, меѓу кои главни се, сепак. лекарите, овој процент е навистина бескрајно далеку од оној што беше најавуван и за кој се залагаше и Лекарската комора и Самостојниот синдикат на Клиничкиот центар, како што е далеку и вистинскиот секс за младиот игумен во романот. Сега е навистина секому јасно дека од некаква плата од 1.000 до 1.600 евра до крајот на следната година, едноставно. не може да дојде и дека е тоа уште едно празно ветување, дадено до сите лекари. Заложбите и споменувањето на некакви коефициенти дека обичните лекари треба да достигнат личен доход два ипол пати поголем од просечната плата, а лекарите специјалисти и супспецијалисти – 3,5 и 3,8 за подолг временски период, едноставно, не се можни и паѓаат во вода. Можеби и затоа коефициентите и не се ставени во Законот за лекарска дејност, како што тоа го бараше храбриот Синдикат на Клиничкиот центар едно време.

Така останува гурбетот, тоа проклетство на народот од овие простори, како “валидна“ алтернатива за младите, па и постарите колеги лекари. Интензивните курсеви по германски јазик продолжуваат кои сега како да се дел и од студиите по медицина, затоа што идните колеги ги започнуваат и ги тераат паралелно уште од првата година. Небаре како да се дел од изучувањето на туѓ јазик на медицинските факултети во земјава! Така забрзано пред наши очи се трасира нашиот пат кон неповрат.

Не е здраво за едно општество лекарите да не бидат задоволни и недоволно наградени. Зарем вулгарната преселба на колегите која ни се случува секојдневно во својот најбрутален облик не ни е доволно предупредување и дека наградувањето на лекарите треба да се сфати многу посериозно не само од оние кои за тоа се надлежни, туку од целокупното општество!

Затоа што она што ни се случува наликува на катаклизма и како таква треба да се сфати. И ако на тоа се додадат политичко-криминалните превирања, врзани за некои карикатурални личности со „Луј Витон чанти“ со педантно сложено убаво количество на наши евра, тогаш централната балканска Република Северна Македонија наликува повеќе на карневал во кој е сè e можно и ништо не е сигурно. Згора на тоа, податокот за скорешните преполни автобуси на работници од Источна Македонија на пат кон Италија, укажува дека сè повеќе навлегуваме во опасните води на вистинскиот егзодус на еден цел народ, во кој, ние лекарите, играме една од водечките улоги.

Повеќе од очигледно е дека не станува збор за обично гастарбајтерство, туку за пат без враќање. Несериозно е да се очекува дека Владата ќе успее во своите декларативни намери да ги задржи лекарите во земјата со ваков тип на покачувања кои имаат само козметичен ефект.

Но, тоа е тоа! Само трпение! Сега засега рацете ни се “презафатени“ со петте отсто, а 5 по 5 ќе стасаме некако до 100 отсто, колку што е и ветувањето од страна на политичарите за 1.000 евра личен доход за обичен лекар и 1.600 евра за лекар- специјалист. Доколку не стасаме, ќе дојдат некои други луѓе од нашето соседство со исти или слични ветувања, а по нив и некои трети или четврти кои толку личат едни на други што ги препознаваме уште пред да се појават. Ништо веќе не се добива лесно, ниту на сексуален ниту на кој друг план.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот