
Пет навики на паровите во навистина безбедна и стабилна врска, според психологијата
Начинот на кој нашите родители или старатели се однесувале кон нас во детството директно влијае на тоа како се однесуваме кон другите во зрелоста, обликувајќи ги таканаречените стилови на приврзаност.
Препорачано
Да се биде во врска каде двајцата партнери се самоуверени во себе и еден во друг бара разбирање на сопствените модели на однесување и нивните интеракции со своите партнери, пишува „ЈорТанго“ (YourTango).
Според психолозите, постојат пет клучни работи што луѓето во безбедни и стабилни врски редовно ги прават.
Тие слушаат внимателно.
Кога емоциите се интензивни, може да биде тешко да се запре и навистина да се слушне што зборува вашиот партнер. Но, луѓето со безбеден стил на приврзаност знаат дека несогласувањето не значи автоматски крај на врската. Наместо да реагираат со борба, бегство или повлекување, тие остануваат смирени.
Психологот д-р Никол ЛеПера ја нагласува вредноста на заедничкото процесирање на емоциите. Безбедните партнери се способни да слушаат и да разберат што зборувате без да го доживуваат конфликтот како личен напад.
Тие не реагираат дефанзивно.
Лице со несигурен стил на приврзаност веројатно ќе заземе дефанзивен став кога ќе се појават проблеми. Наместо да направи простор за вашите емоции, таа ќе го сврти разговорот на друг начин, така што нејзините чувства ќе станат центар на вниманието. Од друга страна, сигурниот партнер останува отворен и ранлив и ги прифаќа вашите чувства.
Според едно истражување од 2011 година, сигурните партнери разбираат дека заздравувањето на емоционалните рани е клучно за градење долготрајни врски. Тие не се играат како жртва, туку се чувствуваат удобно со непријатноста, знаејќи дека грешката не ги прави лоша личност.
Тие преземаат одговорност.
Преземањето одговорност значи признавање дека вашите постапки повредуваат некого, дури и личноста што ја сакате. Врските бараат и емоционална и практична работа за да преживеат. Вистинската одговорност оди подалеку од само забележување на проблем – таа вклучува преземање одговорност за вашето однесување и подготвеност да направите вистински промени на подобро.
Тие се спремни да решаваат проблеми.
Конфликтот е неизбежен во секое партнерство бидејќи сите сме луѓе и склони кон грешки. Наместо да игнорира напнатост, да користи тишина или да вика, личноста со сигурен стил на приврзаност ќе седне со вас и ќе има искрен разговор за тоа што се случило.
Нивното извинување не е само збор, туку е придружено со стратегија за спречување на повторна штета. Студија објавена во „Journal of Marrital and Family Therapy“ потврдува дека врската е доволно силна за да ги издржи бурите кога знаете дека ниту еден партнер нема да избега од предизвиците.
Тие ги искажуваат своите чувства и потреби.
Безбедната приврзаност во врската подразбира постојана, отворена и искрена комуникација. Иако секој различно ги процесира емоциите, клучот е да продолжите да зборувате, а не да се затворате. Партнерот со стил на безбедна приврзаност не очекува да му ги читате мислите. Тој е свесен дека мора да ви каже што сака и што му треба за да можете да му го дадете тоа.
Голем дел од она што ја прави врската безбедна бара длабока внатрешна работа – како поставување граници и лекување стари рани – за да се чувствуваме достојни за љубов. Истражувањето од Американската психолошка асоцијација покажува дека иако нашите стилови на приврзаност се обликуваат во детството, ние не сме предодредени да бидеме такви. Луѓето се способни за неверојатен увид и промени, вклучително и начинот на кој се однесуваме кон себе и кон оние што ги сакаме.