ВИДЕО: Песимистички прогнози на Лавров: Нема шанси да се спаси ОБСЕ

Фото: „Слободен печат“

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров на денешната прес-конференција во Скопје изјави дека годинава нема причина за славење на Самитот на ОБСЕ, бидејќи според него, ОБСЕ е пред колапс и дека сè она на кое се работело во изминатите години пропаѓа.

„Сè она на кое работеше ОБСЕ во сите изминати години се поткопува. Безбедноста се нарушува, димензијата на човекови права, хуманитарната помош… не ви давам конкретни примери, но имаме цврсти докази дека нашите западни колеги не извлекле никакви поуки од нивните неуспеси“.

Шефот на руската дипломатија тврди дека 95% од говорите на западните земји на годинешниот Самит во Скопје биле концентрирани против она на што е базирано и основано ОБСЕ, а тоа е безбедноста и соработка околу неа.

 „Сè е уништено во политичката сфера. Се одбива да се усвојат бројни договори кои што се насочени кон усвојување на безбедност и стабилност. Нема што да се каже на досега невидените санкции кои ги воведоа ЕУ и САД против Русија. Нема што да се каже за човековите права“ вели рускиот министер Лавров.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров запрашан за македонско-бугарските односи, рече дека не е најголем експерт на ова прашање, но потенцираше дека секоја земја, вклучително и Македонија, има право да биде рамноправен дел од активностите на континентот. Тој ги обвини западните сојузници дека стојат зад сите актуелни и претходни проблеми на Балканот.

Рускиот министер го поздрави годинешното претседавање на ОБСЕ, велејќи дека секогаш се чувствувал добредојден во земјава.

„Се сеќавам дека со години Македонија беше нарекувана Поранешна југословенска Република Македонија и ова беше понижувачко име, а знаеме и што се случи со името Северна Македонија. Се сеќавам и дека претседал на македонското Собрание имаше фотографии со албанско знаме, направени во канцеларијата во Парламентот“ рече Лавров.

Во врска со настаните кои се случуваа во пресрет на Самитот на ОБСЕ во Скопје, Лавров изјави дека кога се одржуваат вакви настани, не смее никој да каже која земја е поканета, а која не.

„Кукавичност на Блинкен и Борел“

 

Лавров изјави дека неговиот американски колега Ентони Блинкен е тој кој избегнал од средба.

-Блинкен го избегна состанокот, но јас еве сум тука, него не го гледам. Денеска госпоѓата Захарова ми покажа две различни фотографии објавени во македонските медиуми. Првата беше од вечерата, на која присуствуваа сите, направиле фотографии за да ги објават по медиумите дека сите дошле освен Лавров. Останатите медиуми прикажаа фотографии од утринското отворање, каде што бев присутен со сите мои колеги, но го немаше украинскиот министер, ниту пак претставници од балтичките држави. Секретарот Блинкен и Борел си заминаа. Но, зошто го направија тоа? Мислам дека сакаа да ја нагласат нивната намера да ја изолираат Русија. Тие се кукавици, се плашат од вистината, немаат никакви аргументи пред нашите факти. Ова е кукавичност, ништо повеќе, изјави Лавров.

Во врска со војната во Украина, Лавров изјави дека во мај 2022 година по неколку средби во Турција, биле договорен прекин на огнот, кој бил прифатен од сите страни. Како што објасни тој, тогашниот британски премиер Борис Џонсон ги советувал Украинците дека тој договор бил повеќе во корист на Русија, „па им предложил да продолжат со конфликтот“.

Лавров призна дека сега е многу потешко да се преговара со Киев, тврдејќи дека украинскиот претседател Володимир Зеленски воведе декрет со кој се забранува да се преговара со руска влада на чие чело ќе стои Владимир Путин.

Шефот на руската дипломатија говореше и за актуелната состојба во Газа, оценувајќи дека Русија на 7 октомври го осуди нападот на Хамас во Израел, но го обвини Западот дека тие се виновни за се што се случува во Појасот Газа.

– Се што се случува во Газа е многу комплицирано. Бројките кои ги слушаме од ОН се ужасни, бројот на убиени цивили и деца. Не смееме да го прифатиме начинот на кој Израел се бори против терористите, истакна Лавров.

Минситерот Лавров ја коментираше и „културата на откажување“ на американските власти. Тој тврди дека САД сакаат да уништат се што не им се допаѓа и дека оваа нивна култура доведува до ширење на немирите низ светот.

На прес-конференцијата, новинарите кои што поставуваа прашања ги избираше портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, а за дел од нив испраќаше фотографии до асистентките кои го даваа микрофонот.

Руската делегација која присуствуваше на Самитот на ОБСЕ по прес-конференцијата ќе се упати назад во Русија, прескокнувајќи ги завршните состаноци на Самитот на ОБСЕ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот