Пешевски | Ако цената на еден квадрат е над 2.000 евра, тогаш и градежниците треба да имаат таква плата!

Градежни работници

Според претседателот на Синдикатот за градежништво и индустрија, државата треба да стави крај на урбана мафија која диктира вакви цени на становите, a од друга страна платите во градежништвото се далеку под ова ниво

Нема никакво логично објаснување за тоа што цената на становите надмина 2.000 и стигна до над 3.000 евра за квадрат, вели Иван Пешевски, претседател на Синдикатот за градежништво и индустрија. Според него државата треба да стави крај на урбана мафија која диктира вакви цени. Од друга страна, платите во градежништвото се далеку под ова ниво и тоа не е добро за целата гранка, додава Пешевски.

-Ако може цената на еден квадрат станбена површина да биде 2 или 3.000 евра, тогаш зошто такви плати не земаат и градежниците – прашува Пешевски?

Боро Стојановски, сопственик на „Гео Балкан“, агенција за катастарски услуги и недвижности во разговор за ТВ Тера, меѓудругото вели дека во последниве две години бевме сведоци на пореметувања на пазарот на недвижности кои што беа по короната, прво заради вработувањата и работната сила, па подоцна заради економската криза, цените, енергетиката. Сето тоа, според Стојановски, се одразило на недвижностите и како дополнително, (конкретно зборувам за Македонија и регионот, посебно овие нашите приморски комшиски пазари), сите тие кои имаа некој денар почнаа да ги инвестираат во недвижности, плашејќи се за загубата на вредноста на капиталот што го имаат под перница и на книшките и почнаа на море или слично, да инвестираат.

Војната во Украина де факто прави голем економски удар врз Европа, а цените на градежните материјали се зголемуваат. Побарувачката ја диктира цената во моментов, а Скопје и Охрид се најатрактивни.

-Ако последната статистика од Пописот на население вели дека 240 илјади станови се празни, тоа значи дека сите кои имале некаква основа и финансиска можност купувале станови во Скопје и сето тоа ја зголемува побарувачката. Сега со атрактивни градби и од странски компании повторно се се продава во Скопје. Јас слушнав информација дека на пазарот стигнала цена од 3.200 евра за стан што е новоградба кој што е во центарот на градот од странски инвеститор, во Скопје. За Охрид веќе 2.000 не е ништо страшно или чудно. 2.000 евра за квадратен метар, посебно ако има некаков поглед во близина на езеро, чудо е – вели Стојановски за ТВ Тера.

Тој одговара и на прашањето дали ќе има намалување на цената за метар квадратен станбен простор.

-„Кој би намалувал!? Во еден период државата размислуваше да намали во данокот, па од 18 на 5 или од 5 на 3 отсто, изведувачите да не плаќаат прва рака данок … но, тоа не се одрази на пазарната цена. Секое намалување од некоја друга страна си го присвоија инвеститорите. Така што не верувам дека некаде некој ќе очекува и ќе добие некакво поефтинување “ додава тој.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот