Пентагон крие докази за руски злосторства во Украина

Меѓународен тим обвинители собираат докази за воени злосторства во Буча кај Киев - Фотографија ЕПА, Олег Петрасјук

Министерството за одбрана цврсто одбива да сподели информации од разузнавачката заедница, со цел да ги заштити американските војници од гонење преку Меѓународниот кривичен суд, не само сега, туку и во иднина

Пентагон одбива да сподели со Меѓународниот кривичен суд разузнавачки податоци за руски воени злосторства, за да не ѝ остави простор на Москва да достави докази за злосторства извршени од Американци, пишува весникот „Њујорк тајмс“.

Иако Белата куќа и Стејт департментот ги обвинуваат руските сили дека се одговорни за воени злосторства во Украина и бараат да им се суди на меѓународен суд, Министерството за одбрана цврсто одбива да сподели информации од разузнавачката заедница, со цел да ги заштити американските војници, не само сега, туку и во иднина, пишува весникот, повикувајќи се на поранешни функционери и офицери.

Советот за национална безбедност на 3 февруари свикал итна седница за да го надмине спорот, но секретарот за одбрана Лојд Остин цврсто го бранел ставот. Конечната одлука треба да ја донесе претседателот Џо Бајден.

Републиканскиот сенатор Линдзи Греем инсистира Пентагон да ја укине блокадата.

– Министерството за одбрана се спротивстави на законска промена, усвоена со мнозинство, а сега се обидува да го поткопа текстот и духот на законот. Ми се чини дека Пентагон тука е проблематичното дете. Колку поскоро ги доставиме информациите во рацете на Меѓународниот кривичен суд, толку подобро – вели Греем, кој во Конгресот ја туркаше резолуцијата за поддршка на судско гонење на злосторствата во Украина.

Претставничката на Советот, Едриена Вотсон изјави дека „Русите се одговорни за воени злосторства и злосторства против човештвото“ и дека „Украинците заслужуваат правда“.

– САД поддржуваат разни истраги за идентификување на одговорните, преку Јавниот обвинител на Украина, Обединетите нации, ОБСЕ, „Московскиот механизам“ и Меѓународниот кривичен суд, меѓу другото – изјави Вотсон.

Американски експерти учествуваа во создавањето на Римскиот статут, врз чија основа е формиран Меѓународниот кривичен суд и во 2000 година тогашниот претседател Бил Клинтон го потпиша документот, но Сенатот не го ратификуваше, а следниот претседател Џорџ Буш го повлече потписот, поради што САД не го признава МКС.

Противниците на членството укажуваат дека непријатели на САД може преку МКС да гонат американски војници на разни боишта.

Демократските претседатели Барак Обама и Џо Бајден настојуваат да ја развијат соработката со МКС, без САД официјално да го признае Судот. Потпретседателката Камала Харис пред еден месец на безбедносната конференција во Минхен категорично ја обвини Русија за воени злосторства во Украина и најави дека Вашингтон ќе соработува со сите меѓународни истраги.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот