Пендаровски за Слободен печат: Нема место за стравување дека ќе го изгубиме правото на македонски јазик

Нема место за стравување дека нашиот идентитет ќе биде загрозен или ќе го изгубиме правото нашиот јазик да го нарекуваме македонски јазик, вели претседателот Стево Пендаровски за „Слободен печат“ во врска со Изјавата на Бугарија со која нашиот источен сосед бара од нас да исполниме серија услови за да преговараме за членство со ЕУ.

– Документот истакнува одредени аспекти од позицијата на една земја, ставовите на Унијата се содржани во заклучоците на Европскиот совет и тие се достапни за секого. Ние добивме безусловна одлука за почеток на преговорите и европските институции веќе работат на изготвувањето на преговарачката рамка, согласно заклучоците и усвоената нова методологија.

Сакам да нагласам дека билатералните прашања треба да се решаваат низ дијалог во духот на добрососедската соработка. Ние како држава имаме цврста политичка воља токму така да постапуваме наредниот период – добрососедски. Многу пати и од меѓународната заедница е нагласено дека интеграцијата на Западниот Балкан во Европската Унија, а особено на нашата држава е прашање од геополитичко и безбедносно значење, пред се, за самата Унија.

Нема место за стравување дека нашиот идентитет ќе биде загрозен, или ќе го изгубиме правото нашиот јазик да го нарекуваме македонски јазик, кој е меѓународно признат и е во употреба во меѓународните односи уште од времето на поранешна Југославија – вели претседателот Пендаровски за „Слободен печат“.

Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ вчера излезе со обвинување дека Владата крие документ од јавноста, со кој Бугарија отворено го условува за датумот за преговори, на што жестоко реагираше министерот за надворешни работи, Никола Димитров, нарекувајќќи го „политички лешинар кој наводно повикува на национално единство, а прави се за да го оневозможи“.

„Идентитетот не е само за по дома! Тешкиот историски процес за меѓународно етаблирање на македонскиот идентитет – конечното решавање на македонското прашање – нужно бара соочување со предизвиците со соседите. И тоа се процеси кои траат. Тие не се нови, иако долго време беа под килим и беше инвестирано да останат стуткани таму и да ѕиркаат кога треба да се злоупотребат за политичко профитерство. Е затоа за овие процеси на македонската кауза и требаат луѓе со идеали. А вие, ако веќе не помагате, аман не одмагајте! Македонскиот народ овој процес ќе го заокружи, со вас или и покрај вас. Ќе напишев изборот е ваш, ама за жал вие изгледа одамна го направивте тој избор. Ќе не биде! И покрај сите ваши напори да не вратите во дупката на самосожалувањето и улогата на жртва. Ќе излезе македонскиот народ од овој процес како победник. И таа победа ќе биде истовремено и победа на европските соседи. Бидејќи не можете да “победите” ако го поразите соседот“, истакна шефот на дипломатијата.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот