фото: rkprolet.mk

Пеналите беа кобни за Т. Пролет во дуелот против Партизан

Т. Пролет не успеа да се пласира во финалето од турнирот „Крсте Андоновски – Усташ“ откако скопскиот суперлигаш по голема борба, на пенали ја загуби полуфиналната пресметка со белградски Партизан. Во второто полуфинале ќе играат Охрид и Тиквеш.

Дуелот почна со нешто подобра игра на српскиот претставник, кој со леснотија го наоѓаше патот до мрежата на Т. Пролет. По тајмаутот на тренерот Лембанов македонската екипа заигра нешто подобро во нападот, но проблемите во одбраната продолжија, па на одмор се замина со предност на Партизан од 13:15.

Советите на полувремето вродија со плод, следуваше подобро издание на Т. Пролет во салата „Билјанини извори“ во Охрид. Експресно се стигна до израмнување, а потоа и до водство од 18:16. Српскиот тим само за момент стигна до израмнување, но избраниците на Лембанов повторно презедоа контрола над ситуацијата, па на седум минути до крајот Т. Пролет стигна и до првото водство од три гола (27:24).

Партизан успеа да се врати и во последните две минути се влезе со израмнети 29:29. Томи Јагуриновски постигна гол за водство од 30:29, резултат при кој Т. Пролет имаше и напад за да ја запечати победата. Судиите ја одзедоа топката на 10 секунди до крајот, а Партизан со гол од крило „од мртов агол“ успеа да израмни.

Во пенал-рулетот среќата не беше на страната на нашиот суперлигаш. Како пресудно се покажа промашувањето на Мајнов кој во втората серија биеше високо над гредата, па откако Партизан ги реализираше сите свои седмерци српскиот тим се радуваше на победата во овој израмнет и неизвесен меч.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот