Отворен Балкан отворено посакуван во Македонија

Прес Отворен Балкан во Белград/Фото: Влада на РСМ

Според аналитичарите, растот на поддршката за Отворен Балкан и опаѓањето на поддршката за членството во ЕУ покажуваат дека на граѓаните им е доста од ограничувања и бариери, а посакуваат поголема слобода и пристап до разни пазари на стоки, услуги и труд

Во последните години се повеќе расте популарноста на регионалната иницијатива Отворен Балкан во која членуваат Македонија, Србија и Албанија и од 42 отсто пред три години сега има поддршка од дури 63,3 отсто меѓу македонските граѓани, покажува најновата анкета на јавното мислење што ја изготви Институтот за политички истражувања. Особено е голема поддршката меѓу младите, односно 70,9 отсто од испитаниците на возраст меѓу 18 и 29 години дале позитивна оценка за Отворен Балкан.

Од друга страна, популарноста на ЕУ од година во година опаѓа, иако и натаму мнозинството на граѓани го поддржуваат членството во Унијата.

Според аналитичарите, растот на поддршката за Отворен Балкан и опаѓањето на поддршката за членството во ЕУ покажуваат дека на граѓаните им е доста од ограничувања и бариери, а посакуваат поголема слобода и пристап до разни пазари на стоки, услуги и труд.

Овде или има иднина за сите или нема за никој

Политикологот Иво Ранѓеловиќ вели дека граѓаните во регионот се изморени од сопките и манипулациите на политичките елити и сè повеќе сакаат отворени граници и отворени можности, пред сè, со соседите.

ФОТО: Утрински печат

– Бесмислено е живеењето со сопки при мобилизацијата на стоките и услугите, но и на луѓето. Оттаму и сè поголемата поддршка за Отворен Балкан, концепт во кој многу луѓе ја согледуваат носталгијата од живеењето во една земја. Сепак, фрустрациите растат кон евроинтеграциите поради запоставеноста и игнорирањето на официјален Брисел кон аспирантите и покрај толку жртвувања во име на процесите. Може лесно да се заклучи дека народите на Балканот чувствуваат потреба и желба од отворени граници, но не и да чукаат на безброј затворени врати на патот кон ЕУ – вели Ранѓеловиќ за „Слободен печат“.

Комуникологот Бојан Кордалов вели дека Отворен Балкан постојано се промовира како процес на соработка што руши стереотипи од една страна, а од друга страна нуди можности за слободно движење на граѓаните и за слободно вработивање во трите држави.

– Иницијатовата нуди можности за развој и за соработка што е нешто што секој од нас во регинот сака да го чуе. Изморени сме на Балканов од конфликти, од војни, од мерења на суети кој народ е постар, кој е помоќен итн. Овде треба да се разбере дека или има иднина за сите или нема за никој. Младите секако се најзасегнати од овие процеси, нив најмногу ги интересира слободното движење на стоки и услуги. Но, младите, исто така, се и најголемите подржувачи и за членството во ЕУ – вели Кордалов за „Слобден печат“.

Бојан Кордалов – комуниколог / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Според него, задача на власта е правилно да го искомуницира процесот на евроинтеграција со граѓаните и да се објасни дека тој носи придобивки, но и обврски.

– Потребно е да се одвојат политичките прашања од она што се придобивките и обврските. Односно, да се разбере дека реформите за ЕУ се првенствено за  нашиот поквалитетен живот. На Брисел не му треба подобар јавен превоз, на Берлин не му треба подобро здравство, на Париз не му е потребно подобро, туки сето тоа ни е потребно нам. Интеграцијата не е некое терање инает со ЕУ или надмудрување, тоа се промени во корист на граѓаните. Да, билатералниот пороблем со Бугарија е дел од тој опроцес, тој дел е политика и тоа треба да се разгранчи и придобивкие и реформските обрвски. Досега ЕУ се комуницирала кај нас во крајности – или како бајка, како сојуз со високи плати, со висок стандард или во негативен контекст кога ќе запне некаде. А треба да се комуницира за тоа што добиваат граѓаните, што точно значи одредена рефирна, кои конкретно фондови ќе се отворат за граѓаните, кои придобивки може да се очекуваат итн – вели Кордалов.

Полека опаѓа популарноста на ЕУ

Иницијативата Отворен Балкан, која подразбира слободно движење на стоки и услуги меѓу трите држави, има поддршка кај сите етнички заедници во Македонија – позитивно за неа се изјасниле 62 отсто од Македонците, како и 67 отсто од Албанците. Исто така, се намалува негативното расположение кон овој економскми сојуз, односно негативна оценка за Отворен Балкан дале 15,9 отсто, што е драстична промена од анкетата пред три години кога речиси 40 отсто од граѓаните биле скептични кон оваа иницијатива.

Резултатоте покажуваат и дека граѓаните имаат најдобро мислење и односите ги оценуваат како најпријателски со Србија и со Албанија, а односите со Бугарија ги оценуваат како најлоши. Над 56 отсто од испитаниците одговориле дека со Србија имаме најдобри односи, по што следува Албанија со 11,3 отсто. Од друга страна, над 64 отсто од испитаниците одговориле дека со Бугарија имаме најлоши односи.

Во минативе месеци немаше анкета за поддршката на граѓаните за членството во ЕУ, а последните резултати од испитувањата на јавното мислење се од крајот на минатата година. Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) во декември објави резултати според кои поддршката за ЕУ паднала за 11 отсто во споредба со претходната година, но и натаму е висока и изнесува 74 отсто. Но, 38 проценти „силно не се согласуваат“ со условот Бугарите да се внесат во македонскиот Устав.

Исто, анализата на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ и Фондацијата „Конрад Аденауер“ од ноември 2022 година покажа дека две третини од граѓаните не се согласуваат со уставните измени. Според оваа анализа 64 проценти од граѓаните се за членство во ЕУ, што е за четири проценти помалку од 2021 година, кога 68 отсто од граѓаните се согласиле за членство во ЕУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот