Отворање на изложбата „Ана Франк – Историја за денес”

Семејството Франк/Фото: Профимедиа

Во Пионерскиот дом „Јосип Броз Тито” во Гевгелија денеска ќе биде отворена патувачката изложба „Ана Франк – Историја за денес”, во организација на Младинскиот образовен форум (МОФ). Посетителите ќе можат да ја видат изложбата до 11 јануари.

Изложбата претставува збир од 39 изложбени панели кои носат бројни детали од животот на малата Ана и нејзиното семејство од Втората светска војна. Изложбата е отворена во земјава во рамки на проектот „Хисторија, Историја, Повјест – Лекции за сегашноста”, а покрај МОФ, организатор е и Куќата на Ана Франк од Амстердам.

Во изложбата има и панели кои се креирани посебно за македонскиот контекст во периодот по Втората светска војна до денес, а изработени од домашните експерти Мишо Докмановиќ и Бесник Емини.

Она што ја прави оваа изложба поинаква е што водичи за посетителите ќе бидат млади волонтери, ученици од СОУ „Јосиф Јосифовски” – Гевгелија кои ќе поминат обука спроведена од младинските тренери од МОФ за да ја раскажат приказната на Ана Франк, посочи Димитар Низамовски, координатор на проектот „Хисторија, Историја, Повијест – Лекции за денешницата”.

До сега, изложбата беше поставена во 18 општини низ државата. Изложбата доби поддршка од Министерството за надворешни работи, Министерството за култура, Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија и Амбасадата на Кралството Холандија.

Проектот има за цел да го покрене вниманието и поттикне дискусија за настаните од блиското минато на Западен Балкан кои се причина за различни поделби и генерирање на конфликти во минатиот век. Преку промовирање на критичко размислување за настани од историјата и нивното значење во современото време и случувања, целта на „Anne Frank House” и партнерите е да се постигне помирување преку дијалог за заедничкото минато.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот