
Отстранете ги непријатните мириси од пешкирите: Потребни ви се само две состојки
Пешкирите ги користиме секој ден, по туширање, миење раце или лице. Иако редовно ги переме, со текот на времето може да се појави непријатен мирис што дури ни најсилните детергенти не можат да го отстранат.
Препорачано
Но, според советите на експертот за чистење Кортни Џејкобс, не мора веднаш да ги фрлите и да купите нови – решението е скриено во две едноставни состојки што веќе ги имате во вашата кујна.
Како што објаснува Џејкобс, непријатните мириси се предизвикани од акумулацијата на влага и мувла, особено ако пешкирите не се правилно исушени. Исто така, употребата на омекнувач за алишта ја влошува ситуацијата бидејќи остава слој на влакната што ја задржува влагата. Во видео објавено на Инстаграм, Џејкобс советува перење на пешкири во топла вода со една чаша бел оцет, без детергент. После тоа, следи уште едно перење, овој пат со половина чаша сода бикарбона, повторно во топла вода.
По двојно перење, важно е пешкирите целосно да се исушат, или во машина за сушење алишта или на сонце. Сончевата светлина дополнително помага во отстранувањето на бактериите и мирисите. Експертот истакнува дека не е секогаш потребно да се користат обете состојки, но оцетот и содата бикарбона одделно можат ефикасно да ги разградат насобраните остатоци и да ја освежат ткаенината.
Џејкобс, исто така, предупредува да не се користи омекнувач за алишта при перење пешкири, бидејќи тоа ја намалува нивната апсорпција и предизвикува задржување на мириси. Дополнителни совети вклучуваат избегнување на пренатрупаност на машината, намалување на количината на детергент, како и брзо сушење на пешкирите по нивната употреба, најдобро е да ги закачите и да ги оставите целосно да се исушат.
За долготрајна свежина, се препорачува пешкирите да се перат по секои три до четири употреби и третманот со оцет и сода да се повторува периодично. Ако мирисите сè уште постојат, можно е пешкирите веќе да се истрошиле, а нивните влакна се оштетени и склони кон задржување на бактерии – тогаш е време да ги замените.