Откажан протестот, Спасовски ќе го спаси ноќниот живот во Скопје

Неформалната група на летни клубови која за во среда најави протест пред Владата со кој угостителите сакаа да ја алармираат владата итно да ги реши проблемите со летните дискотеки и да можат тие барем половина летна сезона да проработат, денеска го откажа по средба со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Скопскиот ноќен живот може да се врати со сиот сјај барем до крајот на сезоната, штом веќе не го фати почетокот.

-Нашите барања за спас на ноќниот живот во Скопје најдоа слух кај надлежните институции. Министерот Оливер Спасовски лично се заложи за брзо решавање на проблемот и спас на ноќниот живот на младите скопјани. Како причина на нивната отвореност за решавање на овој проблем протестот се откажува, кратко соопштија од оваа неформална група која го најави протестот.

Инаку, оваа сезона летните дискотеки во Скопје не проработеа бидејќи, како што тврдеа менаџерите на ноќните локали, тие иако ги доставиле сите потребни документи, како што им било побарано во изминатите 30 години, се` уште не ги добиле лиценците за работа иако уплатиле пари за нив – износи од 2.500 евра до 8.000 евра.

Процесот запнал кај она што им е дополнително побарано, имотните листови. Со оглед на тоа што Друштвата закупуваат деловен простор од Градот Скопје, имотен лист треба да обезбеди токму Град Скопје бидејќи друштвата не се сопственици на тој имот, туку само користат времени објекти за да може да ја извршуваат дејноста согласно договорот .

МВР исто така треба да даде и согласност дека се обезбедени безбедносните услови за одвивање на сообраќајот, но и во овој домен закупувачите не може да направат ништо, односно Градот треба да ја спроведе процедурата.

Министерството за економија ги издава лиценци за ноќните локали и е  должно во рок од 15 дена да одговори на барањето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот