Освен егзотични овошја, увезуваме и леб со продолжен рок на траење

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Во растот на увозот на храна голема улога игра и сѐ попребирливиот вкус на домашните купувачи, објаснуваат упатените. Штом се бараат егзотични овошја и разни семиња, кои се промовираат како здрава храна, јасно е зошто трговците се трудат тоа и да го достават до потрошувачите.

Во првата половина од оваа година, за увоз на храна се потрошени над 331 милиони евра, додека од извоз сме заработиле двојно помалку (164 милиони евра). Експертите со години предупредуваат дека извезуваме производи со помала додадена вредност, а тоа се гледа и низ фактот дека половина од македонскиот извоз на храна се сведува на свежо овошје и зеленчук.

Најголеми увозни ставки се месото, житото, но и тука се присутни овошјето, зеленчукот и млечните производи. Статистички, во првата половина од оваа година, за увоз на храна се потрошени речиси 5 проценти повеќе во споредба со истиот период лани. Од расположливите податоци е јасно дека до крајот на годината ќе имаме ист скор како и лани, па веројатно ќе ја надминеме бројката од 670 милиони евра за 2019 година, што ќе го продлабочи трговскиот дефицит во оваа сфера.

– Една од причините за континуираниот раст на увозот на храна е либерализацијата на пазарот. Македонија како членка на СТО има потпишано договор за слободна трговија без царински давачки и други бариери. Исто така, членка сме на ЦЕФТА, а имаме повеќе билатерални договори за слободна трговија, со што се овозможува слободен увоз на храна – велат експертите.

Агроекономистите, пак, сметаат дека големо влијание при увозот на хранат има и карактерот на домашното земјоделското производство, кој оневозможува да се произведува сѐ што бара пазарот. Во растот на увозот на храна голема улога игра и сѐ попребирливиот вкус на домашните купувачи, објаснуваат упатените. Штом се бараат егзотични овошја и разни семиња, кои се промовираат како здрава храна, јасно е зошто трговците се трудат тоа и да го достават до потрошувачите.

Сепак, во последните години состојбите со домашното производство дополнително се влошуваат, не само поради климатските промени и натамошното намалување на приносите, туку и поради сѐ помалиот интерес за обработка на земјата. Како и да е, од македонските ниви, освен лебот, може да се добијат сите производи што може да се најдат на една трпеза. Поради ова се нотира дека во помали количества, на македонскиот пазар сѐ повеќе се нудат и увозни лебови со продолжен рок на траење. Се увезуваат и смрзнати пекарски производи, како полуготови производи од европските земји.

– Голем број од производителите во развиените држави имаат значителна конкурентна предност во однос на нашите производители. Тие се во можност да произведат поголеми количества по пониски цени, а нивните матични држави го субвенционираат извозот – вели Тодор Ѓорѓевски, извршен директор на „Кадино индустри груп“.

Ѓорѓевски објаснува дека е нормална појавата на конкуренција и во оваа сфера, а секој производител се труди да освои нов пазар.

Бурекот како извозен адут

По Швајцарија, Белгија, Франција, Словенија, Хрватска, Канада, Америка и Австралија, македонски бурек ќе се купува и во Германија. По учеството на традиционалниот Саем за храна во Берлин, познат како „Зелена недела Берлин“, „Кадино индустри груп“ од почетокот на оваа година е во преговори за пласман на замрзнат бурек и во германските маркети. Веќе се испратени и пробни количества до германските увозни компании, кои се снабдувачи на големи трговски синџири и ресторани.

– Нашата компанија пред десетина години ја разви идејата за замрзнат бурек, чијашто изработка е стопроцентно рачна. Со овој производ веќе се запознаени потрошувачите од добар дел на земји на ЕУ, како и во прекуокеанските земји. Присутни сме онаму каде што има лица што потекнуваат од Балканот, но, од друга страна, во Швајцарија имаме многу купувачи меѓу домородното население – вели Ѓорѓевски. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот