Осум години од „Диво Насеље“, панихида за загинатите полициски специјалци во Куманово

Загинати полицајци во Диво Насеље/Фото: Фејсбук

Денеска се навршуваат 8 години од „Диво Насеље“. Во мое Куманово, и во целата земја, сите бевме во неизвесност од вооружениот напад во кој животот го загубија осум припадници на Министерството за внатрешни работи – Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ. Нека им е вечна слава!, напиша министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на неговиот Фејсбук-профил.

-Судските архиви сведочат за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност“, така што овој крајно вознемирувачки и трагичен настан засекогаш ќе остане во колективната меморија на кумановци како голема траума, а граѓаните од целата држава ќе паметат дека нарачателите не ја остварија својата цел да ја одржат неизвесноста во која режимот ги држеше во заложништво државата и граѓаните. Хероите живеат вечно! Никогаш да не се повтори!, објави Спасовски на Фејсбук.

Панихида во Куманово

Во Соборниот храм „Свети Никола“ во Куманово денеска, во организација на група бранители од Куманово, ќе се одржи панихида во чест на осумте загинати припадници на безбедносните сили, Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ, кои посмртно се одликувани со медали за храброст.

Диво насеље – 9 мај 2015

Инаку, полициската акција за разбивање на вооружена терористичка група, која траеше на 9 и на 10 мај 2015 година во Куманово. Полициската акција се одвивала во кумановската населба „Диво насеље“, дел од градската месна заедница „Тоде Мендол“, во близина на автопатот Е75.

Акцијата започнала рано утрината во 04:30 часот во саботата на 9 мај и траела речиси непрекинато 28 часа, сѐ до 10:00 часот во неделата на 10 мај. Акцијата завршила со целосно неутрализирање и елиминирање на терористичката група од страна на македонските безбедносни сили.

Настаните во Куманово се случија во период на сериозна политичка криза во Македонија и во период кога, од 5 мај, започнаа антивладини протести. Во првичните разговори со лицата, кои претходно се предале на полицијата, било посочено дека цели на групата биле напади на државни и цивилни цели, кои би започнале со спроведување од средината на мај.

По утврдувањето на идентитетот на уапсените препознаени се Мухамед Красниќи, Сами Укшини и Деме Шеху. Меѓу убиените се Мирсад Ндрецај и Бег Ризај.

Диво-насеље
Диво насеље, Куманово / Фото: Архива на Слободен печат

Претходно, околу триесетина членови на терористичката група се предала безусловно на полицијата, кои главно биле македонски државјани и еден албански државјанин. Меѓу кои биле и тројца од водачите Мухамед Красниќи, Сами Укшини и Демe Шеху.

Загинаа 8 полициски специјалци

Од страна на македонските безбедносни сили загинале осум припадници на специјалните единици на македонската полиција, а биле повредени дури 37 други полицајци во уличните борби низ тесниот и густо населен урбан дел на приградската населба во Куманово. Загинаа полицајците Љубиша Аранѓеловиќ од Скопје, Бобан Ивановиќ од с. Стајковци, Горан Илијевски од Гостивар, Жарко Кузмановски од с. Брвеница, Исамедин Османи од с. Студеничани, Сашо Самојловски од с. Брвеница, Ненад Серафимовски од с. Зубовце и Горан Стојменовиќ од скопско Миладиновци.

На страната на терористите, на лице место биле пронајдени 14 мртви тела во униформи. Нема цивилни жртви во настаните во Диво насеље.

Јавното обвинителство на Република Македонија покренало постапка за приведените во акцијата во Куманото веднаш по самото нивно приведување, откако МВР поднело кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција против определен број лица за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност“.

Од 37 обвинети за тероризам и терористичка организација, 33 луѓе беа осудени за делата, а за четири лица е донесена ослободителна пресуда. За седуммина беше изречена казна од доживотен затвор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот