Османи предлага: Функционерите од „црната листа“ на САД под рестрикции и во Македонија

Бујар Османи/ Фото: Слободен печат

Законските измени предвидуваат на функционерите кои ќе бидат обвинети за корупција и злоупотреба на службената должност времено да им престане функцијата која што ја извршуваат и да им се забрани да учествуваат на тендери сѐ до правосилноста на пресудат.

На функционерите коишто ќе бидат обвинети за корупција, злоупотреба на службената должност и хибридни закани кон државата времено да им престане функцијата којашто ја извршуваат и да им се забрани да учествуваат на тендери сè до правосилноста на пресудата, предвидува предлогот за измени на Законот за рестриктивни мерки коишто денес ги претстави министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Објаснувајќи ги измените, на брифинг со новинарите тој кажа дека во игра останува конфискацијата на нелегално стекнат имот.

Законските измени кои Османи би сакал да поминат на Влада пред стапувањето на техничката влада се актуелизираа откако македонски функционери и бизнисмени се најдоа на американската „црна листа“. Измените на Законот предвидуваат правните акти на САД и правните акти на Обединетото Кралство да се додадат како основ за воведување рестриктивни мерки од страна на државата. Инаку, досега рестриктивните мерки се носеа врз основа на обврзувачки резолуции на Советот за безбедност на ОН, потоа правни акти на ЕУ, правни акти на други меѓународни организации во кои членуваме и на барања од надлежни организации на други држави, но само за тероризам и пролиферација.

Идејата на законските измени, како што објаснуваше Османи, е инструментите што ги има државата при воведување рестриктивни мерки да се прошират. Па така покрај ембарго за оружје, забрана за влез во Северна Македонија за граѓани коишто не се македонски државјани и финансиски мерки како конфискација на имот, сега би се вовела и корупцијата, злоупотреба на службената должност и хибридните закани кон државата како цели коишто сакаме да ги постигнеме со измените на Законот за рестриктивни мерки, а се додаваат два важни инструменти.

Како што објасни Османи, по објавувањето на санкционираните од САД, ЕУ или Обединетото кралство, МНР или некоја друга институција ќе поведе предлог до Владата, а таа ќе реши дали да упати или не повик до Јавното обвинителство да започне кривична постапка за тие лица која, ако резултира со обвинение-ќе значи времен престанок на јавната функција и учество на тендерите, додека не се види крајната пресуда.

Според објаснувањето на Османи, досега Јавното обвинителство (ЈО) требаше да поведува постапки, а сега со овој закон ќе мора, ако од него тоа го побара Владата. Измените предвидуваат и со започнувањето на постапката на ЈО да започне и конфискација на имотот на санкционираните – граѓани на Македонија или од странство.

Во Членот 3, како што рече Османи, како подложни на рестриктивни мерки се додаваат и „носители на јавни функции“, а во делот каде што се наведени видовите на санкции, покрај ембарго на стоки и услуги, ембарго за оружје, забрана за влез, финансиски и други мерки се додава – забрана за учество на јавни тендери и времено престанување на јавните функции, ако кривичната постапка резултира со конкретно обвинение за злоупотреба.

Рестриктивни мерки можат да предложат МНР, МВР, АНБ, Управата за финансиско разузнавање, Агенцијата за разузнавање и Јавното обвинителство.

– Секој што ќе влезе во американската црна листа ќе влезе и во Законот за рестриктивни мерки, рече Османи и го оцени го како релативно радикален.

Тој е уверен дека измените ќе бидат усвоени брзо во Собранието и дека никој нема да си дозволи да ги блокира – имало европско знаменце или не. Но тој би сакал да оди со европско знаменце.

„Црната листа“ на американскиот Стејт департмент минатата година се прошири со неколку звучни имиња од земјава. Поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев, Орце Камчев и неговата мајка, Сергеј Самсоненко, Рамиз Мерко … Тие им се придружија на поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.

Американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер, по ставањето на Кочо Анѓушев на листата, порача дека тоа е уште еден доказ дека САД ќе продолжат да ги санкционираат корумпираните актери во земјава и најави дека ќе следуваат повеќе назначувања. Таа тогаш кажа дека „ќе следуваат повеќе назначувања, но факт е дека нашите напори и нашите санкции не можат да ја поправат епидемијата на корупција во Северна Македонија. На крајот на краиштата, останува на функционерите и граѓаните на оваа земја да побараат одговорност и промени“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот