Оштетени штедачи: За личниот и колективниот интерес

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Пред неколку дена пишувавме дека секој во својата област на работење треба да има одговорност за она што го работи. Претежна цел на тој текст беше да укажеме на неодговорното однесување на банките, кои, уште не се исуши мастилото од одлуката со која Уставниот суд го укина член 163 став 3 од Законот за банки, а тие веќе побрзаа да објават дека ќе ги зголемат каматите на кредитите. Не затоа што за тоа има реална потреба, туку затоа што некој се дрзнал да интервенира во просторот што тие го сметаат за неприкосновено нивно царство, велат од Здружение на оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка „Правда за штедачи“.

– Поттикот што го направи Здружението на оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка „Правда за штедачи“ наиде на поддршка од јавноста, па во деновиве по натписот читаме многу податоци за зголемување на профитот на банките дури и во услови на ковид-пандемија. Кога, се разбира, како последица од кризата, многу економски оператори се во загуба и се борат за својот опстанок. Но, секогаш е така, оној што најмалку треба „сам си бара неволја“. Така, банките до тој степен се „изрезилија” со нивните приказни за опасност од нестабилност и несигурност (во услови на профит до плафон), што мораше да ги демантира Народната Банка која јавно соопшти дека одлуката на Уставниот суд не треба да се става во констекст на сигурноста и стабилноста на банкарскиот систем.

Како може да се карактеризира погоре опишаното однесување на банките? За Здружението „Правда за штедачи” нема дилема. Се работи за класичен обид да се заштити банкарскиот интерес и личниот интерес на банкарите. Институцијата која собра сили да се одважи и да не подлегне пред притисоците на многуте лобисти што го протежираа банкарскиот интерес, Уставниот суд, за жал денес мораме да ја споменеме во негативна конотација. Или барем поединци во неа. Имено, Одлуката за укинување на член 163 став 3 од Законот за банки сеуште не е објавена во Службен весник. Но, тоа можеби и не би било толку чудно доколку, сеуште необјавената одлука во Службен весник, служи како класичен пример за протежирање на личен интерес, наспроти колективниот (јавниот), и тоа по цена на непочитување на деловнички одредби од Деловникот на Уставниот суд. Имено, Одлуката на Уставниот суд за укинување на член 163 став 3 од Законот за банки е донесена на седницата на Уставниот суд одржана на ден 25.5.2021 година, речиси без дискусија, која претходно беше исцрпена, и со однапред подготвен нацрт-текст за кој само гласаа уставните судии. Четирите уставни судии кои не се согласуваа со одлуката, исто така претходно, јавно го изнесоа своето издвоено мислење. Значи, не постои никаква пречка одлуката да не се објави во Службен весник. Добро, ќе рече некој, 7 дена од денот на донесувањето и не е така долг период за објава. Но, паралелата која Здружението сака да укаже со овој допис е во односот на институциите кон личниот и кон колективниот (јавниот) интерес. Имено, согласно член 78 од Деловникот на Уставниот суд, конечниот текст на решението и одлуката се доставува на учесниците во постапката и за објавување во рок од 3 дена од денот на потпишување од претседателот. Ден по донесената одлука за укинување на член 163 став 3 од Законот за банки, на ден 26.5.2021 година, Уставниот суд донесе и една друга одлука, одлука за избор на Претседател на Уставниот суд со која за нов Претседател на Уставниот суд беше избрана судијката Добрила Кацарска. Оваа одлука беше објавена во Службен весник на ден 31.5.2021 година, за разлика од одлуката за укинување на член 163 став 3 од Законот за банки, која сеуште не е објавена.

Тоа што Здружението „Правда за штедачи” го укажува со овој текст е дека кога е во прашање личниот интерес (избор на претседател) може да се постапува и побрзо од роковите пропишани со законските и подзаконските акти, но кога е во прашање колективен (јавен) интерес, тогаш тие рокови може и да почекаат. И тоа е системски проблем во државата, не само во Уставниот суд. Постапката со објава на Одлуката за оценка на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки во Службен весник, само го потврдува тоа. Почитувањето на законските рокови е многу важно прашање за реформите, особено во делот на правосудството и управата, и затоа очекуваме дека и во овој случај со Законот за банки тоа ќе се почитува. На новата Претседателка на Уставниот суд и го честитаме изборот со желби за успешна работа. Истовремено, на Преседателката и посакуваме уште многу одлуки во интерес на граѓаните, како што беше оваа, за укинување на член 163 став 3 од Законот за банки, стои во нивното соопштение.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот