Орбанистан и Бибистан

Бошко Јакшиќ / Фото: МИА

Лидерите на Унгарија и на Израел се талентирани популистички манипулатори што вешто го користат речникот на демократијата кога ја узурпираат власта за да ги демонтираат демократските институции

Раководен од солидарноста со својот конзервативен и националистички сојузник, унгарскиот премиер реши Амбасадата на својата земја да ја пресели во Ерусалим, пишува „Тајмс оф Израел“.

Крунскиот доказ за блискоста на Виктор Орбан и Бенјамин Нетанјаху би значел дека Унгарија станува првата членка на Европската Унија што отвора амбасада во Ерусалим, спротивно на резолуциите на Обединетите нации и меѓународното право.

Откако Израел во 1980 година со закон го прогласи Ерусалим за „целосна и единствена“ престолнина, само неколку земји прифатија да ги преселат своите амбасади од Тел Авив. Пред четири години, прекршувајќи ја децениската традиција, тоа го направи администрацијата на Доналд Трамп, која со Вашингтонската спогодба успеа таква согласност да добие и од Србија, но не дојде до преселување.

Орбан и „Биби“, како што го нарекуваат Нетанјаху, создаваат осовина на пркосот, откако со децении – првиот низ четири мандати, а вториот низ шест – промовираа „заеднички вредности“ на нелиберална псевдодемократија додека систематски ги уриваа принципите на владеење на правото, слободата на говорот и правата на малцинствата. Денес ги спојува и слабо прикриената наклонетост кон Владимир Путин, одбивањето да ѝ испорачуваат оружје на Украина и критиките кон западните санкции за Русија.

Партнерството што прерасна во сојузништво носи таква идеолошка сила што, на изненадување на многумина, Нетанјаху го прифати Орбан наспроти неговите пофалби за Миклош Хорти, соработникот на нацистите што управуваше со Унгарија за време на Втората светска војна и испрати во смрт половина милион Евреи.

Орбан го прогласи Хорти за „исклучителен државник“ и минатата есен му беше поставена биста во унгарскиот парламент. Една третина од Унгарците имаат умерени или отворени антисемитски ставови, покажува испитување од пред две години, спроведено за потребите на унгарската федерација на еврејски општини.

Гордиот творец на терминот „нелиберална демократија“ се оглушува на апелите владата да престане со антисемитската кампања против американскиот филантроп со еврејско потекло Џорџ Сорос. Орбан возврати со усвојување посебен „антисоросов закон“ и својот дамнешен ментор го обвинува дека е поддржувач на либералните невладини организации.

Изјавата на Орбан дека Унгарците „не сакаат да станат народ со мешани раси“ или коментарот во времето кога немаше гас дека „минатото ни го покажува германското знаење“ кренаа тревога кај многумина на Западот, кои овие зборови ги толкуваат како форма на антисемитизам.

Двајцата ги спојуваат исти, многумина велат расистички, ставови зад кои стојат христијанскиот, односно еврејскиот фундаментализам. За време на мигрантската криза во 2015 година Орбан ја претставуваше Унгарија како бедем против „муслиманските орди“, како земја на која ѝ е неопходна етничка хомогеност. Нетанјаху усвои закони за еврејството, кои се закануваат од Израел да направат држава на апартхејдот, а за Палестинците не штеди најпогрдни изрази.

Двата режими се борат за легитимизација на национализмот. „Изградбата на конзервативно општество е тешка работа, но и Унгарија и Израел веќе имаат големи резултати“ твитна Орбан веднаш по јануарската средба со претседателот на конзервативниот израелски фонд Тиквах.

Орбановите пропагандисти ги регрутираат десничарските израелски инфлуенсери. Меѓу нив е и синот на Нетанјаху Јаир, кој во почетокот на годинава беше во Будимпешта и говореше на конференцијата што ја организираше универзитетот под контрола на владејачката партија Фидес, во кој финансира стотици милиони евра за да промовира нелиберални вредности.

Јаир, кој со твитовите често ја иритира либералната израелска јавност, изјави дека кампањата на Орбан не е антисемитска и дека зад „соросоизацијата“ стои „глобалната елита“, која настојува да го уништи унгарскиот суверенитет на истиот начин на кој ги финансира антиеврејските, антиционистичките и пропалестинските невладини организации што го „демонизираат конзерватизмот“.

Орбан ги уништи независните медиуми и универзитети. Нетанјаху исто така се настрвува од позицијата дека медиумите во Израел се под контрола на радикалната левица. Неговиот министер предлага приватизација на медиумите – според ефикасниот унгарски модел, кој покажа колку тоа може да биде политички полезно за властите. Правилата се јасни: биди лојален, заборави на независноста и ќе бидеш награден. Заедничката одбивност кон ЛГБТ заедницата е евидентна.

Нетанјаху одамна сонуваше дека ќе биде Черчил, а денес во градењето на десничарската интернационала модел му е Орбан. И двајцата се талентирани популистички манипулатори што вешто го користат речникот на демократијата додека ја узурпираат власта за да ги демонтираат демократските институции.

Орбан низ годините на власт претстави серија реформи што делуваат разумно, но ја загрозуваат демократијата кога ќе се соберат на едно место. Така и Нетанјаху. Лидерот на Ликуд со години го туркаше Израел кон десно, а неодамна тргна во „реформа“ на правосудството, кои критичарите ја опишуваат како драматичен удар врз демократијата и обид за ставање на судството под контрола на извршната власт.

Стотина илјади Израелци се на улиците, голема е загриженоста на владата во Америка, која е најголемиот сојузник на Израел, а Орбан токму во тоа време сака со преселбата на амбасадата да изрази солидарност со својот политичи истомисленик. Во тек е „унгаризација“ на Израел.

Сѐ поцврстите врски на израелските десничари со антилибералните сили ширум светот стануваат темел на опасни промени што Нетанјаху сака да ги наметне во државата која сѐ уште важи за единствената демократија на Блискиот Исток.

(Авторот е новинар)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот