Опремени две лаборатории на ФЕИТ

Фото: „Chapter 4“

Во новиот семестар студентите на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) ќе можат да ги користат ново опремените лаборатории за електроника и електротехника.

Опремата е донација од компанијата „Логинг електроникс“, која во изминатите 25 години постоење во континуитет обезбедува поддршка на Факултетот заради подобро образование на студентите.

Според деканот на ФЕИТ, Димитар Ташковски оваа донација е прва во рамките на новата партнерска програма на Факултетот.

„Во услови на намалена поддршка од државата во делот на обезбедување на наставно – истражувачката опрема, општествено одговорните компании имаат значајна улога во функционирањето на факултетот, помагајќи ни да го подигнеме квалитетот на наставниот процес, а со тоа се влијае и на квалитетот на инженерите кои се барани на пазарот. ФЕИТ со цел да им се заблагодари на овие компании воведе нова партнерска програма со која и визуелно ќе ги истакнеме нашите партнери, а ќе биде и основа за подлабока соработка со истите: предвидени се предавање на претставници на компаниите, работата на студентите на реални проекти дефинирани од компаниите, менторирање на практичната работа и слично. Логинг електорникс е првата компанија која се вклучува во партнерската програма како сребрен партнер“, изјави деканот Ташковски.

Донираната опрема за настава се состои од осцилоскопи, функциски генератори, напојувања, мерни инструменти и друго, во вредност од 600 000 денари.

Управителот на „Логинг електроникс“, Златко Крстевски посочи дека поддршката и соработката со ФЕИТ трае од основањето на компанијата во 1997 година.

„Практичната работа на студентите е клучна за нивниот развој и треба континуирано да се подобрува. За таа цел неопходна е и современа лабораториска опрема. Повеќето вработени на нашата компанија потекнуваме од факултетов и чувствуваме и некоја морална одговорност да дадеме поддршка на факултетот. Би сакале и други компании, да се вклучат во оваа програма, како домашни така и странски кои работат тука, затоа што бенефитот за студентите кои ќе излезат од тука како спремни инженери е голем, не само за самиот студент, туку и за сите нас во реалниот сектор“, изјави Крстевски.

Мотивацијата на општествено одговорните компании кои соработуваат со ФЕИТ, според Крстевски, е со поддршката на студентите со современа и нова наставна опрема да го задржат нивниот интерес да се школуваат дома, а подоцна како квалитетни инженери да останат и да работат на македонскиот пазар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот