Опозицијата прашува: Што ќе слави ДУИ во Тетово и колку ќе платат граѓаните за тоа?

Најава за прославата на 20-годишнината од основањето на ДУИ/Фото: Фејсбук/ДУИ

Не стивнуваат реакциите по најавата дека владејачката партија ДУИ организира голема прослава на 3-ти и четврти јуни и тоа на на плоштадот „Скендербег“ во Скопје и во Тетово на плоштадот „Илирија“. ДУИ на оваа прослава покани политички лидери од Албанија, Косово и Црна Гора, а најавуваат и настап на естрадни уметници од Косово и Македонија чии хонорари остануваат тајна.

Градоначалникот на Тетово и лидер на Движењето „Беса” Биљал Касами го критикуваше одржувањето на прославата по повод 20 години од постоењето на ДУИ. Тој и порача на ДУИ наместо да троши пари за славење, како дел од извршната власт да најде начин да им помогне на тетовци кои се погодени од поплавите.

– Мислам дека со тој долг што ни го оставија и со сите овие проблеми најмалку имаат образ да дојдат во Тетово да слават. Наместо да трошат пари за вакви прослави, требаше да ги информираат граѓаните на Тетово како ќе им излезат во пресрет со оштета и покривање на штетата која беше направена во поплавите, изјави Касами, одговарајќи на новинарско прашање по одржувањето на состанокот на Кризниот штаб.

Тој сепак се надева дека ДУИ имаат време да ја сменат одлуката.

– Тие се посебна партија и самите одлучуваат за своите постапки. Останувам на тоа дека ќе се опаметат и парите што ги имаат определено за прославата, ќе ги пренаменат за оштета на се што им се случи на тетовчани, истакна Касами.

Денеска Беса во соопштение до медиумите запраша јавно: Што слави ДУИ ако се има во предвид економската криза во државата и проблемите со кои секојдневно се соочуваат граѓаните во Тетово, градот кој ќе биде домаќин на оваа прослава по повод 20-годишнината од основањето на оваа партија која исто толку време е дел од власта во Македонија.

-Што слави ДУИ во Тетово, поплавите што го зафатија градот или сакаат да слават што граѓаните ги испразнија фрижидерите? Или можеби го слават пожарот во фабриката? Не ви е срам што пред пејачите на кои ќе им бидат платени 8000 евра ќе ги извадите граѓаните кои немаат пари за основни потреби? Секој разумен човек ќе размислеше да го откаже овој концерт, но очигледно нивните задоволства се пред граѓаните и нивните несреќи!, реагираат од Движењето Беса.

Тие вчера јавно прашаа колку ќе чини утрешниот мега концертот на ДУИ во Тетово, во услови на економска криза.

Музичарите кои ќе настапат на концет на 4 јуни во Тетово

-Албанскиот политички субјект кој 20-годишнината од основањето ќе ја прослави со мега концерт со албански естрадни пејачи ќе ги чини илјадници евра. Нивна обврска како политичка партија е да им покажат на граѓаните колку пари ќе ги платат пејачите во оваа глобална криза и енормно високи цени. ДУИ да биде транспарентна за сите детали за овој мега концерт од илјадници евра. Овој политички субјект наместо да ги насочи своите пари за ублажување на кризата кај граѓаните, тие ги користат за забави, знаејќи дека повеќето немаат пари ни за вреќа брашно. Движењето БЕСА итно бара одржување на предвремени парламентарни избори и рушење на оваа власт која цели само кон криминал, корупција и богатење на некои поединци на сметка на граѓаните, реагираат од Беса.

Негодување за прославата на ДУИ изрази и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој уште еднаш нагласи дека се потребни предвремени парламентарни избори.

-Партијата ДУИ не треба да организира прослави во време на беспарица. ДУИ функционираат како длабока држава и затоа бараме предвремени праламентарни избори за да може таа длабока држава да исчезне и да ја поразиме оваа длабока држава која ДУИ ја има направено во институциите, посочи Мицкоски.

Ниту Мицкоски, ниту пак Касами нема да присуствуваат на прославата на ДУИ, а учеството го откажа и лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот