Опасноста од расистички и псевдонаучни теории под превезот „Извештај за интелигенцијата на народите во светот“

Славе Младеновски
Славе Младеновски/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Мојата најголема предност како социолог што работи научно во овие 40 години е собирањето на емпириски материјал (истражување врз основа на научни методи) и проверувањето на заклучоците на други автори за темата што сум решил да ја обработам. Деновиве, а исто така, во последниве три години во Македонија речиси секој на својот ФБ профил, како резултат на објавувањето на многубројните портали, беше објавен Извештајот од World Population Review каде што се наведува дека Македонија е на 108 место со IQ на населението 81,91. Страницата за извештајот од 2022 година не е во функција (заб. С.М), а споредено со најновиот извештај нема промена во местото меѓу државите и разлика висината на коефициентот на интелигенцијата. Со еден збор овој Извештај е целосно идентичен со Извештајот од 2022 година и веројатно затоа не може да биде тој извештај достапен за да не биде забележано дека е истиот, повторно печатен со друга година. Медиумите што го објавија во првата недела на декември 2022 година може да го проверат дека податоците се препишани, односно не е вршено ново истражување.

Во споредба со државите од регионот единствено Албанија е на пониско место од Македонија (109 и IQ 81,75), а најдобра позиција има Словенија (23 и IQ 98,6). Сакам да наведам податоци за уште шест држави, а тоа е за првите пет и за последната на оваа ранг листа од 199 држави. Прва е Јапонија со IQ 106,48, а последна е Непал со IQ 42,99.

Во овој текст нема да спорам со прочитаните ставови на моите пријатели на ФБ (некој ако се препознае, тогаш тоа е само негова лична перцепција), поради тоа што не знаел кои се авторите и не му биле познати нивните ставови. Меѓутоа, медиумите што ја објавија оваа таканаречена анализа имаа обврска да го проверат авторот и да презентираат податоци за него, од една страна и ако се има предвид кадарот во медиумите, ваквиот пристап покажува непрофесионалност во работата од друга страна. Текстот го пишувам за да ја насочам светлината и Вашето внимание врз авторот на студијата Ричард Лин (Richard Lynn). За читателите што имаат време и сакаат да читаат за него има на следниот линк.

За оние што не сакаат да го „губат времето“ им предлагам само да ги прочитаат овие неколку реда (еден пасус) и целосно да ги избришат од својата меморија податоците од таа анализа и од текстот (нема да го цитирам медиумот што ја објави анализата со наслов дека Македонците биле глупи), ако сте ги прочитале.

Авторот Лин е контроверзна личност во науката во последните 60 години и неговата теорија се темели врз бела надмоќ врз другите народи. Социологијата и другите општествени науки ваквите теории ги класифицираат како расистички и не се научно докажани, односно повеќето науки научно докажале дека се неточни, субјективистички, тенденциозни и однапред напишани да „жигосаат“ одредени раси и народи. Многубројните автори што ги оспоруваат неговите наоди во последниве децении ставаат забелешки во однос на примерокот, техниките на истражување, методологијата, како и заклучоците. Со други зборови Лин има теорија без докази. Тој однапред пишува теорија дека црното население е помалку интелигентно, потоа со пониска интелигенција се сиромашните лица и жените, како и конкретно население од одреден регион. Во неговата анализа презентира (најмалку што може) емпириски податоци за да ја докаже теоријата. Наместо да собира репрезентативни податоци за да дојде до теоријата, тој целосно наопаку ја поставува постапката, затоа што праксата го демантира.

Што пишуваат други автори за Лин? Во објавената анализа за интелигенцијата на нациите во светот, во еден дел порталот се оградува од добиените податоци и укажува дека треба да се земат со резерва и дека може да бидат неточни. Затоа треба да се прочита се што е напишано, а не на прва топка (заб. С.М.). Во стручниот дел голем број автори, што ја разбираат темата интелигенција му ги наведуваат на Лин како критика на неговата теорија следниве аргументи. „Сепак, е важно да се запамети дека коефициентот на интелигенцијата не е единствениот начин за мерење на интелигенцијата. Всушност, постојат многу различни начини да се бараат најпаметните земји во светот, а многу од нив немаат никаква врска со просечниот коефициент на интелигенција. На пример, можете да ги споредите резултатите од академските тестови на секоја земја, нејзината веројатност за „проширување на границата на знаење“ и воведување нови технологии за податоци (интелигентен капитален индекс) или дури и бројот на Нобелови награди што секоја земја ги има освоено. Всушност, можете дури и да ги комбинирате сите три статистики“. Ништо од ова не може да се прочита во анализите кај Лин.

Ричард Лин за себе вели дека е евгенетичар. Сега прво што ви доаѓа на ум е што значи евгеника и што човек е некој што за себе вели дека е евгенетичар. Прашањето гласи: „Што се евгеника и научен расизам?“ Одговорот е на страната на порталот National Human Genome Research Institute. Евгеника е научно погрешна и неморална теорија за „расно подобрување“ и „планирано размножување“, која се здоби со популарност на почетокот на 20 век. Слично на тоа, тие веруваат дека сложените болести и нарушувања се единствено резултат на генетско наследство. Евгенетичарите ширум светот веруваат дека можат да ги усовршат човечките суштества и да ги елиминираат таканаречените социјални болести преку генетиката и наследност. Тие веруваат дека употребата на методи, како што се присилна стерилизација, сегрегација и социјално исклучување ќе го ослободи општеството од поединци кои тие ги сметаа за несоодветни. Научниот расизам е идеологија која ги присвојува методите и легитимноста на науката за да се расправа за супериорноста на белите европејци и инфериорноста на не-белите луѓе чиј социјален и економски статус се историски маргинализирани. Како евгениката или научниот расизам произлезе од: злоупотреба на револуционерниот напредок во медицината, анатомијата и статистиката во текот на 18 и 19 век. Овие евгенетичари несразмерно ги таргетира Латините, Индијанците, Афроамериканците, сиромашните белци и луѓето со попреченост во текот на целиот 20-ти век. Евгенетичарите беа, исто така, клучни за донесувањето на дискриминаторски законодавства за имиграција што беше направено во 1924 година (законот Џонсон-Рид), што целосно ги исклучи имигрантите од Азија“.

Неколку реченици како објаснување на пристапот при пишувањето на текстот. Во овој текст спрема Лин сакав да бидам максимално научно коректен и да не го наречам расист, а неговата теорија расистичка. Имено, секогаш има некој што може да го каже она за што не сте целосно убеден до крај или сметате дека не сте прочитале доволно, за да го дадете заклучокот. За упорните истражувачи во науката секогаш доаѓа „кец на десетка“ (да, кец и десетка е 21) за да се разобличат манипулантите и сите други што не им е местото во науката. За неговата теорија Правен центар за јужна сиромаштија Southern Poverty Law Center SPLC (американска непрофитна организација за правно застапување, специјализирана за граѓански права и судски спорови од јавен интерес) пишува дека „за 50 години, Ричард Лин е во првите редови на научниот расизам“, дека „тој тврди дека нациите со највисок IQ мора да ги потчинат или елиминираат групите со понизок коефициент на интелигенција во нивните граници за да ја зачуваат нивната доминација“, и ја резимира својата кариера вака: Од 1970-тите, Ричард Лин неуморно работи за да ги стави расата, гените и коефициентот на интелигенција во центарот на дискусиите околу нееднаквоста“.

Лин тврди дека нациите без бело мнозинство не се способни за самоуправување и економски успех и верува дека малцинствата, особено имигрантите, го загрозуваат успехот на западните нации: За Лин „единственото најважно прашање (со кое се соочува западното општество) е зголемување на имиграцијата од третиот свет народи со низок коефициент на интелигенција во САД, Канада и во Европа. Ефектот од ова, во комбинација со нивната голема плодност е дека ги заменуваат европејците. До крајот на дваесет и првиот век европејците ќе станат малцинства во САД, Канада и Западна Европа. Ова за Лин претставува „демографска катастрофа“ во која „европските народи се … одземени во нивните земји од приливот на неевропски народи“.

Таканаречените студии на Лин претставуваат псевдонаука која се состои од тврдења, верувања или практики што се темелат врз наводни научни факти, а всушност станува збор за завиткани расистичко-националистички ставови што се некомпатибилни со научниот метод. Основна карактеристика на псевдонауката се контрадикторни, претерани или недокажани тврдења; потпирање врз пристрасност на потврда отколку на ригорозни обиди за побивање; недостиг на отвореност за проценка од страна на други стручњаци; отсуство на систематски практики при развивање хипотези и продолжува долго време да опстојува откако експериментално ќе бидат дискредитирани псевдонаучните хипотези. Псевдонаучните студии на Лин за расата и за коефициентот на интелигенција покажуваат дека „монголоидите“ имаат највисок просечен коефициент на интелигенција (100-106), тесно следени од „кавказоидите“ (100), и последни се „негроидите“ (црно население) со многу пониска просечна интелигенција (70). Повеќе автори укажуваат на расизмот на Лин  и овие неколку реда што ги пренесувам од наведениот сајт сликовито ја објаснуваат неговата наука.

Имено, според критичарите на Лин, тие забележаа дека „важен недостаток на прегледите на Лин (и Ванханен) за литературата е тоа што тие. „не се придржуваат до систематската Методологија за контрола на потенцијалните предрасуди во многуте избори направени од рецензентот“, додека истакнатиот психолог Леон Камин изјавува дека „Изобличувањата на Лин и погрешните наводи на податоците претставуваат навистина отровен расизам, во комбинација со скандалозното непочитување на научната објективност“.

Следниот цитат го нарекувам капак врз расистичко и псевдонаучната кариера на 93 годишниот Лин, кој почина лани во јули:

„Во февруари 2018 година, синдикатот на студентите на Универзитетот Алстер поднесе предлог со кој се повикува Универзитетот да му ја одземе титулата на Лин како почесен професор. Предлогот тврдеше дека титулата на Лин треба да биде одземена, бидејќи тој дал изјави што се „расистички и сексистички по природа“. Универзитетот се согласи на ова барање во април 2018 година.

Заклучокот што го препорачувам од оваа анализа гласи: не треба да се биде воопшто наивен дека теориите на Лин се без поддршка од луѓе со пари од одредени центри. За своите ставови, додека беше жив до последен ден редовно во изминатиот половина век ги популаризира расистичките ставови и бараше истомисленици.

Во македонското општество, таканаречените Фејсбук аналитичари, воодушевени од овој Извештај, го пренесуваа на своите страници, а тоа го правеа и портали и медиуми без трошка критичност или скепса. Некои од нив причината за нискиот IQ кај Македонците ја побараа кај одредени граѓани што се приврзаници, симпатизери и членови на политичките партии или кај припадниците на одредени заедници. Со цел да се разбере сечија научна анализа треба да биде презентирана Методологија, а не само резултати, бројки или проценти и потоа секој произволно да објаснува на што се должат добиените податоци. Како резултат на ваквите расистички теории во праксата на демократските општества се случуваат „инциденти“ со припадници од други раси или нации. На пример како би се чувствувале наши државјани во странство некој да напише дека тие го спуштиле процентот на IQ во нивната држава, зашто биле многу глупави, односно со низок IQ, а тие воопшто не биле предмет на анализата. Во прилог на овие псевдонаучни теории ќе се обидам целата работа околу нивните резултати да ја доведам до апсурд. Нискиот IQ во Македонија се должи на голем број русокоси жени во вкупната популација на населението, а особено поради оние што не се природни русокоси, туку ја фарбаат косата, од една страна. и за кои постои цврсто убедување кај мнозинството мажи дека се природно глупави, од друга страна. Овој одговор е наменет на оние Фејсбук сезнајковци кои тврдат дека нискиот IQ во Македонија се должи на високата определба на граѓаните за одредени политички партии. Како што го личи, припадниците на едната партија велат за другите дека се глупави и затоа Извештајот е вистинит, односно и обратно. Партиска припадност е клучниот фактор за нашата „македонска глупавост“ и според нив, на расистите и на квазинаучниците решението што го нудат е одземање на граѓанското право на дел од граѓаните да гласаат. Тоа не го кажуваат децидно, но потсвесно го мислат. Меѓутоа, во студијата на Лин не ги пишува припадниците на македонските политички партии како категорија која треба да биде оквалификувана за виновна за нискиот IQ. Тој наведува раси, народи, социјални и ранливи категории луѓе, жени и други.

Ниту сум го правел тоа во минатото, а не сакам ни сега да манипулирам со бројки и заедници, од една страна, но како личност што решила да работи научно, повторно ќе се обидам искажаните мислења за нашата интелигенција да ги доведам до апсурд и со тоа целосно да бидат отфрлени како неточни, од друга страна. Имено, врз основа на податоците од студијата, Македонија и подобра за едно место од Албанија и според мене, причината за нискиот IQ во Македонија се должи на фактот што во Македонија живеат 30% Албанци. Оваа е топ анализа (читај квази). Моите бројки, иако произволни даваат точен заклучок или бројките се точни, но заклучокот е погрешен. Едно е јасно заклучокот НЕ Е ВИСТИНИТ. Тоа Е МАНИПУЛАЦИЈА и ако некој сака на таков начин да ги објаснува податоците би имал лична сатисфакција на мојата „теорија“, ако колега од Албанија излезе со објаснување дека нискиот процент на Албанија во IQ се должи на висок процент Македонци што живеат во Албанија.

Ова е потврда за сите народи на Балканот да се погледнат со други очи од она како Лин не гледа и поради нашите вредности и разлики што ги поседуваме да не наседнуваат и да прифаќаат некритички вакви расистички теории. Следнава „вистина“ ја презентирам во форма на прашање: „Дали сте имале можност да прочитате некоја понова „научна студија“ (денес се обележани како расистички и фрлени на ѓубриште) дека црното население се глупави и на ниво на мајмун?“. За тие што сакаат да читаат повеќе и да се информираат за одредени форми на „повампирување“ на расизмот во светот на предложениот сајт.

(Авторот е социолог)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот