Оние што денес удираат по Заев, утре длабоко ќе се каат

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Оние граѓани што денес се разочарани од владата на Заев, а во политичка смисла тие граѓани несомнено ѝ припаѓаат на демократската јавност во земјата, приближно вака ми велат: „Вие ќе го вратите ВМРО на власт“, а на тоа јас велам: „Како ние ќе го вратиме ако вие цело време хејтате и се дерете против Заев“? На моето контра-прашање тие немаат одговор, нивната политичка перцепција е прилично матна и нејасна. Забораваат некои базични работи. Па, дозволете ми да се обидам да појаснам.

Во Македонија, на социјалните медиуми и портали, вирее едно неформално движење, кое може слободно да го наречеме „Демократски фолиранти во зародиш“. Тоа се оние момчиња и девојчиња што реално ништо не знаат за Македонија, живеат во Скопје, се движат „во“ и „околу“ скопско Дебар Mаало, пијат фенси-коктели, претежно припаѓаат на некои ен-џио-а, биле до Рим, Париз, ја виделе Мона Лиза во природна големина, зиме биле на скијање на Копаоник или Боровец; фин свет, малку исфолиран за мој вкус, малку навреден затоа што „не се реализирани нивните концептуалистички утопии“, ама генерално земено, никаква директна или индиректна штета од владеењето на Заев немаат. Па се отвoра една полемика од типот „сите се исти“, односно се отвoра една полемика која вели, „Дали беше полошо тогаш или сега“.

Атмосфера што може да предизвика неизлезност

Имено, вака луѓе ми велат: „Не се оствари правдата во Македонија“, па потоа велат „ДУИ денес е во прегратките на СДСМ исто како што беше во прегратките на ВМРО“. Па на тоа додаваат: „Денес владата на Заев ја поддржуваат истите полтрони што го поддржуваа режимот на Груевски“. И тоа е приближно сè што велат зачинети од разни лупинзи и испревртени тези, што на врат, што на глава, ама генерално забелешките се тие. И да: ништо не е изапсено-поапсено-стрпано во затвор и на тоа слично.

Видете, да не се правиме луди: овие дисонантни тонови на онаа „фина“ и „фенси“ граѓанска Македонија може да бидат одлучувачки на претстојните парламентарни избори. Нивната наводна огорченост може да ја чини многу скапо оваа земја. А може да ја чини така што тоа во терминолошка линија се нарекува „креирање атмосфера“. Таквата атмосфера може да доведе до голем број неизлезени гласачи, оти, нели, „сите се исти“, па „нема разлика“, или „не вреди да излеземе на гласање“, па, „види ги какви се, корумпирани, види ги какви се неискусни“, па дрн, па sврц, и на тоа слично.

Припаѓам на старата школа на мислење, која вели дека секоја одлука во животот (и политиката) има своја последица. Ми пречи огорченоста на таканаречената граѓанска Македонија која, притоа, не се некои противници на парламентарната демократија, не се ниту револуционери, туку се некои луѓе кои размислуваат во обрасците на парламентарната демократија, така што не може да очекувате дека на следните парламентарни избори „некој ќе ги изгуби изборите, а некој друг нема да ги добие изборите“. Тоа напросто не е возможно затоа што тоа оди едно со друго. Пратеници имаме 120, без разлика дали ние ќе излеземе на избори или ќе создаваме атмосфера од типот „сите се исти“, ќе создаваме некаква атмосфера од резигнација и огорченост, оти сепак, некои чичковци и тетки во тие собраниски столчиња ќе седнат, мнозинството од нив ќе оформи нова влада итн.

Ние денес немаме луксуз со овие работи да се зафркаваме. Оти, гледајте, ако ги споредиме претходните претседателски избори, ќе видиме дека силите во политичкото поле се прилично изедначени помеѓу двете најмоќни политички партии, а кога велам „помеѓу“, мислам на една политичка партија која е де факто демократска, а на друга страна имаме една повампирена партија која е чисто наследство на груевистичкиот режим, и кои уште нè убедуваат дека се променети „Европејци“, што за мене претставува прилично бизарно и навредливо, како може да се замисли Мицкоски и таа негова банда за европска. Што значи дека ние имаме една ситуација кога на сите им е јасно дека таа разлика се „ниша како брод“, и дека еден, два или три проценти ќе одлучуваат на една или на друга страна, и тогаш вие се јавувате со вашиот нихилизам, со вашата огорченост, со вашето „сите се исти“, па проектирате глупав изговор од типот: сега ние ќе ја казниме целата политичка класа оти таа нас нè разочара, нè изневери, погледнете ги какви се, никакви, штетници, корумпирани… Значи, вие во тој момент возите една приказна што е фина за уши, ама не размислувате чекор нанапред.

Директно минирање на шансите на СДСМ

Огорчените од Заев не може да ја казнат цела политичка класа, тие може само да го казнат нејзиниот демократски дел, другиот дел од политичкото поле, напротив, од тоа профитира. Од таквиот став пофитира само ВМРО-ДПМНЕ. Од друга страна, јасно е дека оние што денес се дерат по Заев (профитерите кои одработуваат за нереформираната крајна десница), а тоа се играчи што претставуваат авторитет „во“ и „околу“ СДСМ, велам, на таквите нема да им се приклучат потенцијалните гласачи на ВМРО, туку ќе им се приклучат потенцијалните гласачи на СДСМ: ќе им се приклучат во нивната резигнација и неизлезност на следните парламентарни избори. И ако добро погледнете кои луѓе денес зборуваат против Зоран Заев, ќе видите дека тоа се авторитети на граѓанските ориентирани гласачи, а не на оние другите. Што значи дека вие директно ги минирате шансите на СДСМ на претстојните парламентарни избори, опција зад која не стојат никакви злосторства, крв и најголемото понижување на оваа земја во нејзината историја, потенцирам – во нејзината историја. И на тој начин вие им помагате на оние другите. Нивните наративи и бројност, се разбира, не се големи во некоја квантитативна смисла, но сепак, вие свесно или несвесно, директно го минирате резултатот на СДСМ на претстојните парламентарни избори.

Да резимираме. Огорченоста од Заев на оние јавни лица што ѝ припаѓаат на демократската јавност ќе претставува одмазднички поход, директно минирање на социјалдемократите – до неодамна тоа беа главните борци против режимот на Груевски, луѓе што генерално ѝ припаѓаа на медиумската сцена. Предупредувам на можното сценарио, затоа уште сега, денес и овде, се креира атмосфера што може да биде пресудна на 12 април. Се креира атмосфера што може да биде погубна за сите нас. Апелирам на разум, затоа што по изборите нема да има ниту правда, ниту правдина, туку нашите глави на ражен ќе се вртат.

Затоа, оттука, ќе им порачам: ќе биде борба, ќе биде жестоко, ама во оваа земја режим повеќе нема да има никогаш! Издржавме дотука, ќе издржиме до самиот крај. Ги победивме еднаш, ќе ги победиме повторно. Нашиот глас повторно ќе ја промени целата земја!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот