
Омилениот роднина на кралицата Елизабета обвинет за сексуална злоупотреба на 11-годишно момче
Лорд Маунтбатен, вујко на принцот Филип, сопруг на кралицата Елизабета Втора, е обвинет за злоупотреба на 11-годишно момче во дом за деца. Обвиненијата се предадени 43 години откако Маунтбатен беше убиен во Ирска.
Препорачано

Артур Смит тврди дека во 1977 година, кога имал 11 години, Маунтбатен двапати го злоставувал во озлогласениот детски дом „Кинкора“ во Северна Ирска. Лорд Маунтбатен, вујко на принцот Филип и роднина на кралот Џорџ Шести, татко на кралицата Елизабета, беше убиен две години подоцна кога ИРА постави бомба на неговата јахта.
Државната истрага пред пет години покажа дека најмалку 39 момчиња биле злоставувани во „Кинкора“. Смит, кој сега има 56 години, тврди дека прво бил сексуално злоставуван од работникот во детскиот дом Вилијам Мекграт, познат како „Ѕверот од Кинкора“.
Тој наведува дека потоа, во август 1977 година, Мекграт го запознал со елегантен непознат човек кој двапати го злоставувал.
„Мекграт ми кажа дека ќе запознаам посебен пријател. Потоа ме одведе во една соба; голема канцеларија со огромно биро. Не го кажа името на тој маж. Прво ме натера да се истуширам“, рекол Смит, а пренесува „Дејли мејл“.

Жртвата рекла дека дури во 1979 година сфатила кој е злоставувачот, откако поради напад на ИРА во весниците биле објавени неговите фотографии.
„Не можете да заборавите кој ве малтретирал. Верувајте ми. Се обидувате тоа да го заборавите, но не можете. Не сум зборувал за тоа со години. Ми беше непријатно од тоа што се случи, но сега сакам мир”, рекол Смит.
Портпаролот на Бакингемската палата пред два дена одби да го коментира случајот.
Лорд Маунтбатен бил многу близок со покојната кралица Елизабета Втора, која нагалено го нарекувала чичко Дики. Маунтбатен го одгледал принцот Филип и бил многу приврзан за сегашниот крал Чарлс Трети.