Фото: Pexels / Anna Shvets

Октомври е месец за градинарство: Овие пет работи задолжително направете ги во вашиот двор

Октомври не е месец за одмор, туку за паметна подготовка на вашиот двор. Со малку труд вложен сега, ќе обезбедите на пролет да ве дочека здрава и бујна градина полна бои.

Иако есента носи постудени денови и почести врнежливи периоди што ги поттикнуваат луѓето да останат во затворено, тоа не значи дека е време за одложување на градинарскиот алат. Напротив, октомври е клучен месец за правилна подготовка на градината за претстојната сезона.

Џејмс Евенс, експерт за градинарство истакнува дека октомври е вистинскиот месец за подготовка, пишува „Мирор“.

– Промисленото садење, кастрење и прихранување во овој период ги поставуваат темелите за пролетта. Исто така, октомври е важен за заштита на дивите животни кои бараат храна и засолниште во текот на постудените месеци – вели Евенс.

Правилната нега на градината во октомври не само што ја зајакнува отпорноста на растенијата и тревникот во текот на зимата, туку и помага во зачувување на природната околина. Со тоа се одржува природната рамнотежа во градината, што е клучно за здрав раст на растенијата.

Садење луковици

Ако веќе не сте ги посадиле пролетните луковици, Џејмс советува дека сега е идеално време за тоа. Популарните видови како што се лалињата, нарцисите и шафраните имаат потреба од доволно време за да се вкоренат пред зимскиот мраз.

– Со садење луковици во октомври почвата ќе биде доволно топла и ровка, што им овозможува на луковиците добро да се вкоренат пред да се појави зимскиот мраз“, објаснува Евенс и ја истакнува важноста на внимателното планирање на садењето: шафраните цветаат многу рано, лалињата кон средината на пролетта, а нарцисите подоцна, кон крајот на сезоната. Со комбинирање на различни видови, дури и на истата цветна леа, можете да обезбедите непрекинат низ од бои во текот на целата пролет – објаснува тој.

Кастрење и чистење

Октомври е исто така идеално време за кастрење и чистење на цветните леи од овенати лисја и стебла.

– Многу тревести повеќегодишни растенија почнуваат да изумираат во овој период, а ако не ги средите, градината ќе изгледа запуштено и ќе се создадат поволни услови за развој на штетници и болести кои се хранат со гнили растителни остатоци – предупредува Евенс.

Меѓутоа, важно е да се напомене дека не е потребно да се кастрат сите растенија.

– Некои поотпорни повеќегодишни растенија, како што е рудбекијата, успешно ја преживуваат зимата и им обезбедуваат драгоцено засолниште и извор на храна на птиците. Затоа е препорачливо да се воздржите од кастрење на растенијата што ги користат птиците, бидејќи во текот на студените месеци секоја помош им е многу значајна – истакнува Евенс.

Начини за зачувување на осетливите растенија

– Во некои подрачја првиот посилен мраз може да се појави веќе во октомври – напоменува експертот.

Растенијата во саксии се особено осетливи на студот, па затоа советува нивно преместување на заштитени места поблиску до куќата или заштита со помош на агротекстил, слама или фолија со меурчиња.

– Најдобро е растенијата во саксии да се постават на јужната или западната страна, покрај ѕид или жива ограда, каде што можат да се збијат заедно и на тој начин да создадат потопла микроклима – објаснува тој.

За растенијата на цветните леи, клучна е заштитата со покривање. Експертот препорачува материјали како што се агротекстил или јута, кои овозможуваат проветрување, но истовремено ги штитат растенијата од студот.

– Дополнителен слој малч помага во изолација на почвата, задржување на влагата и ги штити корените од нагли промени на температурата – заклучува.

Претворете ја градината во зимско засолниште

Зимата е тежок период за дивите животни, па затоа октомври е совршен момент да ја претворите вашата градина во сигурно засолниште, обезбедувајќи им вода, храна и засолниште.

– Нешто толку едноставно како што е оставање на главите на сончогледите, садење автохтони дрвја и грмушки и поставување храна за птици како енергетски плочки или  топчиња обезбедува крајно неопходен извор на храна – вели Евенс.

Експертот исто така препорачува изградба на куќичка за ежови за да им се обезбеди природно засолниште на овие корисни животни.

– Мало езерце или сад со вода што редовно го одржувате незамрзнат ќе претставува важен извор на вода за птиците – додава.

Време за последно косење на тревникот

Октомври е често месец во кој се врши последното косење на тревникот во текот на годината. Како што паѓаат температурите, а деновите стануваат пократки, растот на тревата се забавува.

– Кога температурата ќе падне под 10 Целзиусови степени, тревата престанува да расте. Косењето во текот на многу студени денови може долгорочно да го оштети тревникот. Од друга страна, ако прерано престанете да косите, тоа може да резултира со неуреден изглед и слабеење на тревата – појаснува експертот Џејмс Евенс.

За последното косење се препорачува придржување до правилото за отстранување најмногу една третина од висината на тревата.

– Се препорачува прилагодување на висината на ножевите на косилката така што тревата да остане нешто подолга, што овозможува подобра проветреност на почвата и придонесува за зачувување на здравјето на тревникот. Навременото и правилно изведено завршно косење е клучно за одржување на уредниот изглед на тревникот во текот на зимскиот период, како и за неговото брзо и квалитетно опоравување на пролет – порачува.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот