Охрид СОС: Дали инспекторатите намерно ја саботираат контролата, Охридско Езеро се загадува, тие се прават ненадлежни?

Организацијата Охрид СОС го обвини Државниот инспекторат за животна средина за неажурност при постапувањето заради што не се открил загадувачот кој на почетокот на декември енормно го каналот Студенчишта кај месноста Мазија, кој и онака важи за најзагадено место на охридското крајбрежје каде низ разни цевки и испусти освен каналот директно се загадуваат и водите на Охридското Езеро. На својата фексбук-страница Охрид СОС со денови алармира за ужасната слика кај каналот, а на видеото се гледа дека водите биле екстремно загадени. Според Охрид СОС, тие пријавиле на 7 декември до Државниот инспекторат за животна средина, кој се прогласил за ненадлежен, па после два дена преку мејл пријавата ја препратил до локалниот инспекторат, кој пак, дури после три дена излегол на терен, кога водата веќе се разбистрила.

По којзнае кој пат, после пријавата за загадување од дивиот приклучок кај Мазија, наместо брза и професионална реакција, добивме уште едно префрлање на сервис, кое резултираше без поентирање. Незадоволни особено од она што го добивме како одговор од Државен инспекторат за животна средина, доставиме пријава до Инспекцискиот совет. Пред неколку дена го добивме нивниот одговор, според кој, Инспекцискиот совет му наложува на ДИЖС да спроведе вонреден инспекциски надзор, што значи, во случајов, ДИЖС не постапиле согласно законските задолженија. Но, и тоа извршување на инспекцискиот надзор сега, 21 ден од пријавениот инцидент ќе нема никаков резон. Штетата е веќе направена! – наведуваат од Охрид СОС.

 

 

Оттаму објаснуваат дека Државниот инспекторат за животна средина не постапил на денот кога загадувањето било пријавено, на 7 декември, и преку мејл го препратил случајот на локалната инспекција дури после два дена.

– Со тоа ДИЖС практично оневозножи навремен надзор. Наместо на 7 декември да побараат итен надзор од локалниот инспектор, тие се занимаваа со преписки на нашата фејсбук-страница за тоа како биле „ненадлежни“. Згора на тоа, локалниот инспектор чекаше уште три дена за да се осигури дека на пријавената локација нема да ја затекне ситуацијата која беше пријавена, односно загадување на водите на Охридско Езеро (веројатно) од највисок степен. Дали на овој начин ДИЖС и локалниот комунален инспектор ја саботираат контролата во спроведувањето на законите кои ја засегаат животната средина? – прашуваат од Охрид СОС.

https://fb.watch/hKs6L5dhSP/

Тие го повикуваат ДИЖС не само да излезе на терен и да земе примероци за анализа, оти тоа е вече направено многу пати, туку имајќи ја в предвид состојбата во континуитет со години наназад, да изрече санкции.

Исто така ДИЖС треба да зададе задолженија со утврден рок за исполнување до надлежните, првенствено Општина Охрид, за цевката што испушта загадена вода кај Мазија да биде конечно санирана т.е. поврзана со канализацискиот систем. Секое поинакво решение на ДИЖС ќе придонесе Општина Охрид со својата индиферентност и неспособност да продолжи и понатака да го загадува Охридско Езеро и да ја загрозува животната средина и здравјето на луѓето – бараат од организацијата.

На 19 декември Охрид СОС на својата фејсбук-страница, под наслов „Немат ништо“, го објави одговорот што го добиле од инспекторатот при Општина Охрид на нивната претставка за отпадните води што се влеваат директно во каналот Студенчишта.

– На 6 декември наши сограѓани споделија две снимки каде се гледа загадување на водата, проследено со непријатна миризба, ситуација која се повторува со години наназад. На 7 декември, утрото, доставивме претставка до ДИЖС, кои наместо веднаш да реагираат, чекаа два дена за да ја проследат претставката до општинскиот инспекторат, бидејќи не биле надлежни. Надзорот од општинскиот инспекторат е направен дури на 12 декември, шест дена откако се случило загадувањето. Одговорот ни го доставија денес, 19 декември, седум дена откако направиле увид на локацијата. Брзината на реагирање на инспекциите е навистина за воодушевување. Нема што. Дали намерно чекаа да нема загадување и истек, за да дојдат и сликаат и ни кажат како еве, течело сосема малку, и тоа чиста, атмосферска вода. До Инспекциски совет доставивме претставка за незаконско постапување на Државниот инспекторат за животна средина заедно со доказен материјал, во врска со овој случај. Разочарувачки и поразително, со какви институции треба да го штитиме природното наследство на Охридскиот регион и непосредната животна средина. Во меѓувреме, нити градоначалникот, нити јавните претпријатија не реагираа, нити пак имаше каква било објава за овој проблем – напишаа тогаш Охрид СОС.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот