
Од неуспехот на својот татко ја научи најголемата животна лекција, направи сè за да стане славен: Џим Кери денеска полни 63 години
Џејмс Јуџин „Џим“ Кери е роден 17 јануари 1962 во Онтарио, Канада. Кариерата ја почнува во 1979 година, настапувајќи во клуб во Торонто. Добитник е на 2 златни глобуси. Џим Кери постигна светска слава благодарение на својот талент и упорност, сепак велат дека комичарите се склони кон депресија, а еден од најпознатите комичари во светот е дефинитивно тој.
Препорачано
И додека Кери ја потврдува оваа теорија и признава дека се бори ментална болест, неговиот животен пат не бил воопшто лесен и можеби токму тука лежи коренот на проблемот.
Тој израснал осамен и се плашел од светот околу него, а комедијата за него била бегство од реалноста. Џим го поминал најголемиот дел од својата младост гледајќи во својот одраз во огледалото, не од љубопитност, што е разбирливо за младите адолесценти, туку од неописливо чувство на осаменост.
Во интервју за магазинот „Интервју“ кога имал 22 години, тој ја открил причината за ова:
„Поголемиот дел од времето го поминував во соба со огледалото. Не знаев дека треба да се дружам со моите врсници. Поминував часови сам со себе“.
Таткото на Џим ја изгубил работата кога актерот имал 16 години, набргу потоа целото семејство завршило на улица, а младиот Кери, кој дотогаш бил одличен ученик, го напуштил училиштето и се вработил како чистач во локална продавница за да помогне во издржувањето на семејството.
„Татко ми можеше да биде одличен комичар, но не мислеше дека тоа е можно за него“. Наместо да ја следи својата страст, тој донел конзервативна одлука и добил сигурна работа како сметководител. Меѓутоа, кога имав 16 години, тој беше отпуштен од таа сигурна работа, а нашето семејство мораше да направи се за да преживее“ – и додаде:
„Тоа искуство ме научи на нешто длабоко: Дури и ако играш на сигурно, може да не успееш. Можеш да не успееш во нешто што не ти се допаѓа. Па зошто да не ризикуваш и да го правиш она што навистина го сакаш? Тоа го научив од татко ми. Не се работи само за тоа што ви нуди животот, туку и за она кон што сте спремни да се стремите, без страв од неуспех. Затоа што најголемиот ризик е да не се обидувате“, изјави Џим.
Потоа ја започна својата кариера настапувајќи во локалните клубови во родниот Торонто, а посериозни ангажмани следеа дури кога актерот реши да се пресели во Холивуд на 21-годишна возраст. Првата сериозна можност ја доби во иконскиот клуб во Лос Анџелес. Настапот, кој подоцна во магазинот „Холивуд репортер“ го опиша како „вежба за самоказнување и казнување на публиката“, помина неславно, а единствениот аплауз што го доби беше кога ја напушти сцената.
Неговата среќа се сврте со појавувањето во телевизиската серија „Во жива боја“, која му ги отвори вратите на филмската индустрија. Следуваа низа успешни хитови. Комедиите „Ајс Вентура“, „Глупавиот и поглупавиот“ и „Маска“ за кои доби номинација за Златен глобус, ја зацврстија неговата позиција во Холивуд, а по нив беше ангажиран во посериозни филмови како „Човекот на месечината“.
На прв поглед, актерот постигна се што сонуваше како 16-годишно момче. Тој се проби во светот на комедијата и благодарение на својот неверојатен талент стана првиот актер во историјата кој заработил 20 милиони долари за улогата во филмот „Мајстор за кабелска“ во 1996 година.
Сепак, и покрај сè, Џим сè уште не беше среќен. Во приватниот живот имаше низа неуспешни врски и неуспешни бракови.
Во клубот кај што настапувал ја запознал својата прва сопруга, келнерката Мелиса Вомер. Набрзо се венчаа и ја добија ќерката Џејн Ерин Кери, но по седум години брак, парот се разведе.
Неговиот втор брак со актерката Лорен Холи, која ја запозна на снимањето на филмот „Глупавиот и поглупавиот“ траеше само осум месеци. За време на снимањето на филмот „Јас, јас и Ајрин“ ја запознал Рене Зелвегер со која накратко бил свршен.
Тој помина три години со шминкерката Катарина Вајт, која ја запозна во 2012 година, пред таа трагично да си го одземе животот со предозирање со апчиња. По погребот, каде што Џим беше дел од поворката што го носеше телото, семејството на покојната девојка, објави извадоци од нејзиниот приватен дневник во кој таа го обвини Кери за психичко малтретирање.
„Ти направи добри работи за мене, но врската со тебе ме скрши како личност, Џим, напиша таа во една од пораките што ги објави „Дејли мејл“.
Трауматичниот настан го привлече вниманието на долгогодишната борба на Џим Кери со депресијата, за која во неколку наврати отворено зборуваше во јавноста. Актерот призна дека тоа скапо го чинела улогата на Тод во филмот „Човек на Месечината“.
Откако завршил со снимањето, се чувствувал депресивен и се обидел да се врати на себе. Во интервју за онлајн магазинот „Разговори“, тој се присети како тогаш сфатил дека „може да се изгуби во улогата“ и почнал да се прашува „Кој е навистина Џим Кери“.
Но депресијата со која актерот се бори и денес започнала многу порано. Неговата прва сопруга Мелиса Вомер го опишала како „екстремно депресивна личност“ со која животот не бил лесен.
Кери, кој со години користел антидепресиви, никогаш не криел дека страдал од депресивни епизоди, а своевремено имал и проблеми со алкохолот и другите опијати. Во интервју за Меѓународниот филмски фестивал во Торонто, актерот зборуваше за тоа што е депресија за него.
„Луѓето постојано зборуваат за депресија. Разликата помеѓу депресијата и тагата е во тоа што тагата доаѓа од случајно – ако нешто ви се случило или не ви се случило. Депресијата е кога вашето тело ќе ви каже, не сакам повеќе да бидам овој лик, не сакам повеќе да ја носам оваа маска што сте ја создале во светот. Зборот „депресија“ треба да го разберете како „длабок одмор“. „Потребен ви е длабок одмор од ликот што се обидувавте да го играте““, ја опиша својата долгогодишна борба славниот актер.
Сепак, вели дека сега успева да го држи животот под контрола и е среќен.
„Поминаа години, но сега, кога ќе дојде дождот, не се задржува. Тоа чувство не останува доволно долго за да ме удави. Слободен сум од оваа работа и не ми е грижа што мислат луѓето за мен. Сè што сакам е да ги натерам луѓето да мислат дека имам добра енергија“, рече актерот.
Актерот почнал и да слика, што му помага да се справи со депресивните мисли.
„Во сликарството секогаш постои ризик да уништам се што сум направил. Понекогаш замислувам нешто и сфаќам дека нема да успее и дека сум потрошил премногу време на таа слика. Но, мора да ризикуваш инаку никогаш нема да постигнете нешто повеќе, нешто што навистина ќе допре некого. Некогаш постојат ризици дека ќе уништите нешто за што навистина се грижите“, рече Кери.