Пратенички прашања/ Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Од акцијата на Мицкоски во судството, засега само речникот е робустен

Ако претходно премиерот Христијан Мицкоски беше дециден дека треба распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, сега директно ги обвинува судиите и обвинителите, кои, според него, секогаш кога ќе треба да ја спроведат правдата, „добиваат дијареја, се гушат, имаат температура, анксиозност, а дел од обвинителките се правдале и дека имале добиено“.

Пресметка со неподобните судии и обвинителите што ѝ пречат на власта или искрена желба за враќање во довербата во правосудството и борба со криминалот? Оваа дилема се наметнува по изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, кој најави робусна акција против корумпираните судии и обвинители. Робустен значи суров, груб, а без пардон се и изјавите на Мицкоски за судиите и обвинителите кои ги повторува речиси секој ден.

Ако претходно беше дециден дека треба распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, сега сè помалку го споменува зборот „распуштање“, но оди со директни обвинувања кон судиите и обвинителите. Тие, според него, секогаш кога ќе треба да ја спроведат правдата, добиваат дијареја, се гушат, имаат температура, анксиозност, а дел од обвинителките се правдале и дека „имале добиено“.

– Некој обвинител, кога треба да потпише налог за приведување или претрес итн., му се слошило, добил дијареја, со гушење, зголемена температура или добила итн. Секогаш тие наоѓаат некаков начин да ја опструираат акцијата на органите на прогонот. Јас сум жестоко разочаран од ова што се случува денеска, но верувајте нема да биде уште долго, туку ќе влеземе во една робусна акција и ако треба со тие корумпирани обвинители и судии ќе се справиме и на поинаков начин – изјави Мицкоски.

Митева го брани премиерот

Владината портпаролка Марија Митева не гледа ниту притисок ниту навреда кон жените во изјавите на премиерот.

– Јас можам да кажам дека во рамките на она што се случува во Судскиот совет и во правосудството, во целина може да видиме дека состојбите што ги има таму и што и треба да се случуваат во рамките на поднесени кривични пријави, се несвојствени. Познавајќи го начинот на комуникација на премиерот, можам да кажам дека во ниедна состојба немал навреда по ликот и делото на која било жена што се занимава со општествена работа или е дел од политиката – изјави Митева.

На прашање дали робусната акција што ја најавува премиерот значи дека се враќа партизираното судство, дали има нови тефтерчиња со нови судии и обвинители што би апселе по налог на власт, Митева ова го оквалификува како личен став.

– Тоа е ваш личен став и не станува збор за притисок. Многу ми е жал што не можете да видите дека кога имате два процента доверба во правосудството во целина, кога граѓаните ви велат дека правосудството е навистина девастирано, партизирано, се толкува дека станува збор за притисок кога некој сака да ги промени работите – рече Митевска.

И во одговор на прашањето на „Слободен печат“ – дали власта останува на ставот за распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители – Владата не го споменува децидно распуштањето на овие две судски тела, туку најавува нивна департизација и ревносна борба.

– Секогаш кога ќе се отвори темата за распуштање на овие институции, тогаш многумина се загрижени, а преку експерти што со години биле послушници на СДСМ и ДУИ, ги бранат позициите дека тоа не може да се направи. Решението е целосна реформа, целосна департизација и на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители и ќе почнеме ревносна борба против овие состојби – велат од Владата за „Слободен печат“.

И покрај овие директни напади на премиерот кон судиите и обвинителите, тие останаа неми и без никаков коментар.

„Слободен печат“ побара став и од Здружението на судии и од Здружението на јавни обвинители што ги застапуваат судиите, но единствен одговор што го добивме е дека тие не коментираат политички изјави.

На чело на Здружението на судии е Иван Џолев, претседател на Кривичниот суд во Скопје, каде што се водат најголемите предмети од интерес на јавноста, додека обвинителите ги „води“ Елвин Вели.

– Не би коментирал политички изјави. Јавните обвинители постапуваат целосно самостојно и непристрасно и единствено би апелирал до сите политичари и политички партии да ја почитуваат независноста на обвинителството која ја гарантира Уставот – кратко ни изјави Вели.

Единствено порака до Мицкоски испратија до Републичкото јавно обвинителство кои, иако велат дека не коментираат политички изјави, порачаа дека Обвинителството поддржува и ќе ја предводи секоја акција за справување со корумпираните лица од секоја фела врз основа на докази. Оттаму го демантираат премиерот дека не постапуваат по ревизорските извештаи.

– Јавното обвинителство постапува по сите поднесени ревизорски извештаи, а потврда за одличната соработка со Државниот завод за ревизија се и оценките што во јавни изјави ги даваат и Главниот државен ревизор и другите претставници на таа институција. Во сите предмети активно се постапува, за текот на предметите редовно се известува ревизорското тело и не се евидентирани никакви вонредни или неоправдани отсуства на јавни обвинители – велат од Обвинителството за „Слободен печат“.

Коцо: Сè мора да е според Уставот и законите

Пензионираната судијка Вера Коцо за „Слободен печат“ коментира дека какви мерки и да преземе власта, мора да бидат во согласност со уставните и законските решенија.

– Изјавата на премиерот за преземање робусни мерки во врска со случувањата во Судскиот совет и Советот на јавни обвинители укажува на поддржување на веќе изразениот став кон овие институции. Но, во која насока ќе се движат таквите мерки и што конкретно ќе биде преземено, останува да се претпоставува. Што и да биде преземено, мора да биде во согласност со уставните и законски решенија за овие институции, чии членови подложат на одговорност согласно законската регулатива – вели Коцо.

На нашето прашање дали ова се толкува како притисок врз судиите и јавните обвинители со оглед на тоа дека се бара да се преземат акции што ѝ одговараат на власта, Коцо е децидна дека овие институции треба сами да се изборат.

– Овие институции сами се изложија на критики од јавноста и власта, и сега останува на нив да го покажат својот кредибилитет и да се справат со евентуалниот притисок како нивни предизвик во справувањето со овие настани – додава таа.

Премиерот не ги извади од уста обвинителите и судиите и на пратенички прашања и нивната дијареја, анксиозност беа дел од сите одговори на прашањата што му ги поставуваа неговите сопартијци. Иако беше дециден дека целта не им е да се пресметуваат со нив, главни на „менито“ му беа Судскиот совет предводен од претседателката Весна Дамева, и републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, кој за Мицкоски е одговорен за недокажувањето на нивниот „епски“ криминал што го најавуваа.

Премиерот особено го потенцираше Судскиот совет, кој според него, наместо да покаже отчетност и одговорност, грчевито се борел за зачувување на позициите, а Коцевски го нарече „оној обвинител“ во контекст на тоа дека дури ни со него немало да влезат во пресметка, и покрај мнозинството што го имаат во Собранието.

Откако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, премиерот неколкупати јасно кажа дека му тече времето на Коцевски за да покаже резултати. Ако тие резултати не се случат, Мицкоски најави дека ќе предложи „нивни луѓе“ во правосудството.

Власта со нови обвинувања за Дамева – го спорат нејзиниот претседателски мандат кој беше незаконски прекинат

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот