Обвинителството засега нема да проверува дали документот со „дувла за лажни вести“ е вистинит или фалсификуван

Откако вчера СДСМ објави документи со кои го обвини ВМРО-ДПМНЕ дека има центри за креирање лажни вести, како и дека Јавниот радиодифузен сервис бил злоупотребен за пласирање лажни анкети во корист на опозицијата, а сето тоа во контекст на претстојните избори, „Слободен печат“ праша во Обвинителството дали ќе отворат предмет за документите.

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека документите се фалсификувани, но новинарот Фуркан Салиу кој ги објави, во синоќешната емисија на својот портал истакна дека ги добил од внатре од партијата, и тоа од некој од седумте членови на ВМРО-ДПМНЕ кои наводно се спротиставиле на ваквата идеја и кои на седницата на Централниот комитет гласале воздржано за наводниот „оперативен план“ како што гласи името на документот.

 

ВМРО-ДПМНЕ пак е децидна дека записникот е фалсификат, дека потписите на луѓето во него се неверодостојни и најавија тужби за клевета против СДСМ. МРТВ и агенцијата ИПИС на Владимир Божиновски целосно ги отфрлија обвинувањата дека учествувале во прикажување на лажни анкети. Најавија тужби.

Од Обвинителството за „Слободен печат“ велат дека ги следат сите информации, но засега немаат отворено предмет.

Јавното обвинителство и Комисијата за следење на изборни нерегуларности ги следат сите информации. До овој момент до Јавното обвинителство за конкретниот настан не е доставена кривична пријава ниту од евентуални ошетени лица, ниту од Министерството за внатрешни работи како надлежен орган за откривање на кривични дела. Инструментот на допрен глас, како и до сега, се користи доколку надлежните органи за откривање на кривични дела не постапуваат согласно надлежностите. Самата политичка партија во конкретниот случај веќе најави дека има намера да бара правна заштита и преку механизмите за граѓанска одговорност за клевета. До овој момент Комисијата на Јавното обвинителство за следење на евентуални нерегуларности поврзани со извршување на кривични дела од глава 16 (кривични длеа против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела кои би биле сторени при организирање и спроведување на избори) има оформено еден предмет врз основа на наводи изнесени од една политичка партија кои се однесуваат на сомненија околу финансирањето на изборната кампања на друга партија. Предметот е испратен на постапување на надлежно основно јавно обвинителство, велат од ЈО за „Слободен печат“. 

СДСМ утринава побара надлежните институции да ги истражат како што рекоа „основаните сомневања за бројни злоупотреби“.

Разоткриена е цела една шема, оперативен план подготвен од Републичкиот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ, по насока на Извршниот комитет на партијата на седница одржана на 05.12.2023 година.
Шема за пласирање лажни анкети за рејтинзите на партиите и за политичарите, а објавени на МТВ, за пласирање лажни вести, но и други активности. Во подрумите на Белата палата се договарале емисии за анализирање на анкети од ИПИС, се дефинирал составот на гостите на емисијата со 3 опозициски аналитичари дури имало и одговорен за ширење лажни вести преку т.н. „дувла“. За градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ предвидена е „обврска“ кон Владимир Божиновски. Ова е голем скандал кој освен злоупотребите покажува дека лажните анкети се нереални и служат за манипулација на граѓаните, дека во ДПМНЕ се уплашени и уште еднаш потврдува дека нема никаква промена во ДПМНЕ. Пропагандата, злоупотребите на медиумите, ширењето лажни вести и нарачаните лажни анекти, се истите методи на Никола Груевски сега ги спроведува Христијан Мицкоски, порачаа од СДСМ.

 

ВМРО-ДПМНЕ пак преку прес-конференција им возврати со прашање дали документите, кои ги нарекоа фалсификувани, се дело на политичкиот стратег од Израел, Асаф Исеин. Станува збор за стратег од Израел за кој опозицијата веќе со денови обвинува дека е ангажиран од СДСМ, а претходно бил ангажиран од претседателот на Србија Александар Вучиќ. На прес-конференцијата портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ го поврза Асаф Исеин со групата предводена од Тал Ханан за пласирање лажни вести и фалсификати. 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот