
Обвинителството им влезе во трага на нечесните рекламери што се богатат на грбот на лекарите од Македонија
Чајот против паразити, кој всушност е мешавина од пет тревки, а на интернет со лажни интервјуа и лажни препораки од доктор Никола Пановски нечесно се претставува како „лек против паразити“ најверојатно ќе им донесе обвинение на неговите рекламери. Јавното обвинителство интензивно обезбедува докази по допрен глас и наскоро ќе има јавнообвинителска одлука, дознава „Слободен печат“ од Обвинителството. Трагите водат кон субјекти во странство, ама и кон нивни партнери во Македонија.
Препорачано
Оваа тема ја отвори нашата редакција, на крајот на декември минатата година. Тогаш, професорот на Медицинскиот факултет и микробиолог доктор Никола Пановски, се најде како главен лик во сосема фабрикувани интервјуа каде рекламерите на социјалните мрежи го претставуваа како медицински професионалец кој „го препорачува овој лек против паразити“. Но, не станува збор за никаков лек против паразити, туку за билна мешавина од пет тревки, која се продава за 50 евра за 50 грама, цена која е далеку над пазарната, а за да се продаде чајот, особено придонесува лажниот маркетинг за неговите наводни перформанси на лек. Македонија е плодно поле за берење плодови од потрошувачката наивност во комбинација со лажното рекламирање, особено кога се таргетираат луѓе што имаат хронична болест.
Последен во низата на злоупотребени доктори во август годинава беше доктор Нико Беќаровски од Универзитетската Клиника за токсикологија. Тој во лажни реклами беше злоупотребен дека наводно промовира „лек за притисок“.
Во лажната реклама, злоупотребена беше и македонската телевизија „Канал 5“ бидејќи со нивното лого беше промовирано наводното интервју кое Беќаровски го „дал“ за „Канал 5“. Сижето на целата измама е да се наведе јавноста да поверува во лагата дека Беќаровски промовирал лек на „Канал 5“ кој што „дотогаш бил скриен од јавноста а чини пет пари“.
Во очајните бескрупулозни обиди да се изманипулира јавноста, креаторите на овие реклами не бираат средства, па лажат и дека „емисијата била прекината а доктор Беќаровски бил исфрлен од студиото кога почнал да ја обелоденува вистината за лекот за крвен притисок“.
Но вакво интервју ниту се случило, ниту Беќаровски промовирал лек против висок крвен притисок. Тој е токсиколог, а не кардиолог или кардиохирург, но за општата популација која може да биде и неупатена, ваквите лаги во интернет – рекламирањето, честопати ги водат граѓаните во заблуда. Праксата придонесува да се богатат интернет-измамници. Пример како тоа изгледа може да погледнете во продолжение.
Доктор Беќаровски по оваа злоупотреба почна да бара адвокат и се пријави да сведочи дека не препорачувал никаков лек.
„Да се доведуваат во заблуда очајни пациенти е невидено злосторство на кое што мора да му се пресече патот! Ве молам сите, споделувајте на вашите социјални мрежи дека се работи за лага, за вашите пријатели да не бидат измамени“, побара докторот.
Лекарска комора, како професионално здружение на сите доктори по медицина, најостро ги осуди сите обиди за злоупотреба на професионалниот интегритет и авторитет на лекарите преку различни форми на реклами за лекови, помошни средства за лекување, додатоци во исхраната и постапки за лекување во кои се злоупотребува нивниот идентитет и професионален интегритет.
Во последно време стана зачестена појавата на лажни и манипулативни реклами за т.н. медицински производи, препарати и методи кои се пласираат на интернет. Во вакви огласи и текстови често се појавуваат измислени изјави или интервјуа на вистински лекари и се објавуваат нивни фотографии што е целосно незаконски. Лекарите не даваат дозвола за користење на нивното име и професионален интегритет за рекламирање на овие препарати поради што ова може да се смета за кражба на идентитет, лажно рекламирање и злоупотреба на лични податоци за остварување на материјална корист.
Лекарската комора, од надлежните институции, уште пред осум месеци побара навремено и ажурно да постапат по поднесените кривични пријави и да ги санкционираат овие случаи, со што би се заштитиле докторите и би се спречило повторување на овие случаи.
„Надлежните институции треба да ја интензивираат динамиката со која испитуваат кој, како и за која цел ги поставува овие сомнителни содржини и, согласно утврдената состојба, да ги санкционираат сторителите. Недозволиво е овие случаи да се игнорираат и остануваат без правна разрешница. Апелираме лекарите овие случаи да продолжат да ги пријавуваат и јавно да информираат за ситуации во кои без нивна согласност и одобрение, некој се претставува во нивно име или го користи нивниот професионален интегритет“, наведоа од Лекарската Комора.
Дополнително ги предупредија граѓаните дека ваквите производи може да содржат материи кои сериозно би им наштетиле.
„Дури и во случај кога препаратите не содржат штетни материи, со самото тоа што им се препишуваат лековити својства кои реално не ги поседуваат, граѓаните намерно се доведени во заблуда и со тоа се загрозува нивното здравје. Поради тоа, би ги посоветувале пациентите, кога одлучуваат да ја променат терапијата, да почнат нова или во постоечката да вклучат нов препарат, задолжително да се консултираат со својот матичен лекар или специјалист, бидејќи само тие можат да им помогнат да донесат правилна одлука за нивното здравје и во никој случај не смеат да се поведуваат по реклами на интернет и по туѓи искуства“, посочија од Лекарската комора.
И доктор Вело Марковски неодамна беше злоупотребен за да се продаде препарат.