
Објавена е книгата „Мојот предизвик Охрид“ од Вера Стојчевска Антиќ
Под уредништво на издавачот Раде Силјан излезе од печат книгата „Мојот предизвик Охрид“ од д-р Вера Стојчевска Антиќ. Авторката на 252 страници во книгата пишува за својот долгогодишен афинитет кон „градот на светлоста – Охрид“, почнувајќи од нејзината двегодишна возраст, кога првпат се соочила со многубројните рипчиња во водата покрај градската плажа во Охрид, па сѐ до оваа 2021 година.
Препорачано
Нејзините сеќавања и восхит од градот траат осумдесет години во кои ги впивала убавините на градот и ги проучувала старините на Охрид, бидејќи нејзината научна професија суштински ја поврзува со Охридската книжевна школа и со нејзиниот првоучител Свети Климент Охридски.
Стојчевска Антиќ години наназад е поврзана со средновековната македонска христијанска и црковна литература, а своето внимание посебно го насочувала кон Свети Климент Охридски. Покрај Свети Климент, како предводник на сите македонски преродбеници, таа го проучувала и учителот и поет Григор Прличев.
Во книгата авторката ги сумирала во резимирана форма сите народни и традиционални форми на поезија и проза настанати на охридските простори, посебно од зборниците на Миладиновци, Шапкарев, како и од континуираните самостојни собирачки потфати, но пишува и за современите охридски раскажувачи и автори.
Вера Стојчевска Антиќ (Битола, 1939) е историчар на книжевноста и на книжевната теорија. Нејзината научна дејност, која се одвивала околу средновековната македонска книжевност, теорија и фолклор, е позната во бројни македонски и странски славистички центри. Делото на Стојчевска Антиќ содржи над 850 објави во земјата и во странство, од кои околу 80 се посебни книги.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 100, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 9-11 октомври 2021)