„О2 Иницијатива“ предупредува: Температурата во Скопје постојано расте, а ние не сме подготвени за овие промени

Фото: Слободен печат/Анета Стојковска

Температурата во Скопје и околината во последните 44 години постојано расте, но адаптацијата на овие промени не ни оди добро, посочуваат од „О2 Иницијатива“. Во 1979 година просечната температура била 11.9°C, а во 2023 година просечно се измерени 14°C, што значи дека станува сè потопло.

Оттаму посочуваат дека Парискиот договор има за цел да го ограничи глобалното затоплување под 2°C, по можност до 1.5°C во однос на прединдустриското ниво од 1850–1900, а кај нас само во изминативе 44 години има затоплување од 2.1°C, кое ќе продолжи и понатаму.

Адаптацијата кон овие промени не ни оди добро, не сме спремни. Како ќе произведуваме храна, што и каде со клима која за 25 години се предвидува дека ќе биде како таа во Остин, Тексас? Колку вода ќе има за наводнување, во кои делови од земјава, како ќе се справиме со поројните дождови, сушите, градот, раното цветање на овошките и подоцнежната појава на мраз, болестите? Покрај емиграцијата и немањето кој да ја обработува земјата, ова се дополнителните проблеми кои ако не ги поставиме како држава и начинот на кој ќе се справиме, за да имаме свое производство на храна, ќе останеме увозно зависни за најосновните продукти, што во нестабилни времиња не е нималку посакувано – велат од Иницијативата.

Тие прашуваат и колку чиста вода ќе имаме за пиење, до ќе се трошат огромни колични вода за тешката индустрија и ќе се троши питка вода за миење на дворот и за полевање на нивите.

Ќе се разбудиме ли? Или и новите избраници кои ќе ја водат земјава и понатаму ќе ги игнорираат овие клучни нешта? – прашуваат од „О2 Иницијатива“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот