Ново истражување на научниците од Харвард: Што се случува во мозокот додека мечтаеме?

Фото: Pexels/Jhefferson Santos

Мечтаењето, состојба во која мозокот се исклучува од светот околу себе и се занимава со нешто сосема друго, е многу чест феномен, но невронаучниците долго време немаа одговор на прашањето за тоа што се случува тогаш во мозокот. Истражувачите од Медицинскиот факултет Харвард (HMS) конечно ја испитувале оваа состојба и ги објавија резултатите во списанието „Нејчр“ (Nature).

Научниците ја следеле активноста на невроните во визуелниот кортекс на мозокот на глувците додека биле во тивка, будна состојба. Откриено е дека повремено овие неврони испуштаат импулси слични на она што се случува кога глувчето гледа слика, што укажува на тоа дека глувците размислувале или мечтаеле за сликата во тоа време.

Како што е наведено, истражувањето дало интересни, иако прелиминарни резултати дека мечтаењето може да ги обликува идните реакции на она што се гледа. Овој однос треба дополнително да се потврди во идните истражувања, нагласи тимот, но резултатите даваат интересни индикации дека мечтаењето може да игра улога во способноста на мозокот да се преобликува во согласност со новите искуства, се вели во соопштението на Харвард.

Фото: Пекселс/ julia-avamotive

– Сакавме да знаеме што се случува на невробиолошко ниво за време на мечтаењето и дали овие моменти на „тивко размислување“ би можеле да бидат значајни за учење и меморија – изјавила Анѓа Енгујен, докторант по невробиологија на Институтот Блаватник при Медицинскиот факултет Харвард.

Научниците поминуваат многу време проучувајќи како невроните ги прегледуваат минатите настани од меморијата и ја мапираат физичката средина во хипокампусот, дел од мозокот кој игра клучна улога во меморијата и просторната навигација.

Спротивно на тоа, има малку истражувања за преглед на минати настани во други делови на мозокот, вклучувајќи го и визуелниот кортекс.

– Мојата лабораторија е заинтересирана да открие дали можеме да снимиме доволно неврони во визуелниот кортекс за да разбереме како точно паметат глувците и како тоа се поврзува со информациите за „пластичноста на мозокот“ – изјавил Марк Андерман, професор по медицина во Медицинскиот центар Бет Израел и професор по невробиологија во Харвард.

Пластичноста на мозокот е способноста на овој орган физички да се прилагодува и да се преобликува додека учиме и доживуваме нови работи, од гледање филм до учење нова песна или јазик.

Во студијата, научниците постојано им покажувале на глувците две слики, со различни сиви, бели и црни области. Помеѓу тие слики, глувчето ќе помине една минута зјапајќи во сив екран. За тоа време, тимот забележал активност на 7.000 неврони во визуелниот кортекс.

Фото: Пекселс/ oleksandr

Истражувањето покажа дека кога глувчето гледа на слика, невроните пулсираат на специфичен начин и тие се доволно различни за да можат да кажат дали глувчето ја гледа првата или втората слика. Што е уште поважно, кога глувчето гледало во сив екран, невроните понекогаш испуштале слични, иако не идентични, импулси како кога глувчето гледало слика. Ова се смета за знак на мечтаење за таа слика. Ова мечтаење се случило само кога глушецот бил опуштен, карактеризиран со згрчени зеници и целосна смиреност.

Сосема очекувано, глувците почесто мечтаеле за најсвежите слики што ги виделе. Исто така, тие повеќе сонувале на почетокот на денот отколку на крајот, кога секоја од тие слики ја виделе многу пати.

Во текот на денот, активноста на пулсот на невроните додека глувците ги гледале сликите се променила, а научниците ова го нарекуваат „репрезентативно отклонување“. Сепак, тој пресврт не бил случаен. Со текот на времето, пулсирањата поврзани со сликите станувале сè поразлични, сè додека секој од нив не активирал сосема различен сет на неврони. Интересно е што пулсирањата снимени за време на првото мечтаење предвидувале како тие пулсирања ќе изгледаат подоцна кога глувчето ќе ја погледне сликата.

– Има отстапување во тоа како мозокот реагира на истата слика со текот на времето, а раното мечтаење може да ни покаже каде ќе се сврти – рекол Андерман.

Врз основа на оваа студија, истражувачите веруваат дека мечтаењето е активно вклучено во „пластичноста“ на мозокот.

– Кога доволно пати ќе видите две различни слики, станува многу важно да ги разликувате. Нашите наоди сугерираат дека мечтаењето го контролира овој процес и ги наведува невроните поврзани со препознавање слики да се оддалечат едни од други – рече Енгуен.

Овие наоди додаваат се поголем број докази дека и кај глодарите и кај луѓето, мечтаењето по некое искуство може да го подобри учењето и меморијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот