Новите правила за влез во ЕУ не значат враќање на визите за Балканот

Етиас, ЕУ Шенген / Фото: SOPA Images / ddp USA / Profimedia

Патниците од Западен Балкан од следната година ќе бидат обврзани да пополнуваат барање за влез ЕУ и Шенген зоната. Станува збор за нов вид на одобрување од безбедносен карактер наречено ЕТИАС кое ќе чини 7 евра. Новината која со сигурност ќе го промени патувањето во ЕУ, покрај тоа што ќе биде нов финансиски товар за граѓаните од трети земји, истата периодов е мета на дезинформации.

Граѓаните на Западен Балкан последните денови со нервоза и недоверба гледаат на најавите за воспоставување на новиот Европскиот систем за патни информации и одобрување (ЕТИАС) за влез во Шенгенскиот простор кој треба да се воспостави некаде на почетокот на следната 2024 година.

Станува збор за нов вид на одобрување на влез во земјите од ЕУ и Шенген зоната кое ќе чини 7 евра. Од Европската Комисија се децидни и велат дека таксата која ќе се наплаќа преку ЕТИАС системот не значи воведување на нов визен режим.

Системот кој неговата имплементација на неколку пати досега беше одложувана досега, како што вели Брисел се однесува единствено на зголемување на безбедноста внатре во Унијата како одговор на глобалниот пораст на терористички и криминални активности и не претставува никаква „ограда“ за Балканот.

Сепак новината која ќе го промени патувањето во ЕУ покрај тоа што ќе биде нов финансиски товар за граѓаните од трети земји кои ќе сакаат да влезат во Унијата, истиот изминатиот период е мета на дезинформативна кампања од различни влијателни центри кои меѓудругото велат дека овој последен чекор на ЕУ во пракса значи воведување на нов визен режим за граѓаните од Западен Балкан.

„Вашингтон пост“ на оваа тема пишува дека пополнувањето на овој формулар не е компликувано и истиот не претставува некаква нова рестрикција за луѓето кои се надвор од Европа а сакаат да патуваат во ЕУ земјите. Според американскиот магазин почнувајќи од 2024 година, патниците кои ќе сакаат да влезат ЕУ ќе имаат нов обрач за прескокнување пред да тргнат на своето патување.

Следејќи ги новите правила за овластување за патување објавени од ЕУ според Европскиот систем за информации и овластување за патување, потенцијалните посетители од повеќе од 60 земји „ослободени од виза“, вклучително и САД, ќе мора да пополнат онлајн апликација и да платат мала такса пред да патуваат во која било од 30-те европски земји.

Според бриселскиот магазин „ЕУ Опсервер“ причини за досегашното пролонгирање на ЕТИАС се пандемијата, но и проблемите и доцнењето на системот за автоматизирана вкрстена проверка на податоците од апликантите со базите на информации на Европол. Како што наведува медиумот, освен тоа што системот на европската полиција наиде на „комплексни правни прашања“ за пристап до податоците на апликантите, ЕУ во моментов има и недостиг од персонал што на терен ќе треба да ја спроведува работата на системот ЕТИАС.

Што опфаќа системот ЕТИАС, кој ЕУ планира да почне да го применува

Имено, ЕУ планира да ги заостри политиките за влез во Унијата и ги затегне до некаде поволностите што досега ја имаат земјите-кандидатки, пред сѐ од регионот на Западен Балкан. Се очекува за шест месеци отсега, Европската Унија да почне да го применува системот ЕТИАС. ЕТИАС е кратенка за Европски систем за информации и овластувања за патување. Станува збор за целосно електронски систем, кој овозможува и води евиденција за посетителите од земјите на кои не им е потребна виза за влез во шенген-зоната.  На некој начин, тој личи на американскиот електронски систем за овластување за патување (ЕСТА), кој служи за слична цел.

Според ЕТИАС, патниците задолжително ќе мора да поднесат потврда за својот идентитет, да испратат копија од патната исправа и да одговорат на низа прашања за причината за патување и прашања поврзани со нивниот имотен и семеен статус, кривично минато, престој во конфликтни држави и на други чувствителни теми. За аплицирање во ЕТИАС ќе се наплатува и такса од 7 евра, за сите патници на возраст од 18 до 70 години. Пријавата треба да се испрати најдоцна 96 часа пред датумот за патувањето. За малолетниците и лицата постари од 70 години, пријавата е бесплатна.

Добиеното одобрение од ЕТИАС ќе важи три години и во тој период бројот на патувања во земјите од ЕУ не е ограничен. Со ЕТИАС-дозвола, македонските државјани ќе можат да останат во ЕУ најмногу 90 дена во период од шест месеци. За разлика од сегашниот модел, каде што државјаните на Македонија и другите балкански држави, освен Косово, генерално слободно можат да ги поминат границите на членките на ЕУ, според моделот ЕТИАС ќе мора да чекаат одговор од земјата во која сакаат да патуваат, кој може да биде и негативен.

Ширење на дезинформации за визната политика на ЕУ

Иако најавено како безбедносна мерка за контрола пред сѐ на илегалната миграција во ЕУ, воведувањето на ЕТИАС-дозволата за движење предизвика дополнителен скептицизам во Македонија но и регионот особено со ширење на невистини кои велат дека воведувањето на системот е ново спуштање на рампите за регионот.

Политикологот Милан Стефановски вели дека во овој сензитивен момент за нашата земја кога потребни се уставните измени за наш напредок на патот кон ЕУ, граѓаните треба да бидат претпазливи на информациите кои се однесуваат за слободата на движење во Европа.

Милан Стефановски – политиколог / Фото: ,,Слободен печат” / Драган Митрески

– Манипулативното извртување на информациите и фактите кога станува збор воведувањето на ЕТИАС-системот од страна на некои политички центри во земјава и регионот е повеќе од јасно зошто тоа се чини и прави сега. Очигледно е дека на некому му е потребно регионот да остане надвор од ЕУ и токму овие информации и вести околу визната политика се искористуваат во насока да се престави системот како ново затворање на границите на ЕУ кон Балканот. Напротив Брисел неодамна потврди дека проширувањето со земјите од Западен Балкан останува во фокус на интересот на ЕУ. Многу енергија се потроши од ЕУ во последнава година за да ја врати довербата на земјите од Западен Балкан, што конкретно се покажа и со помошта за справување со енергетската криза а претходно и со пандемијата. Евентуалното воведување на ЕТИАС е поврзано со безбедносниот предизвик на ЕУ за да се намалат илегалните миграции, преку земјите-кандидати за членство, кои имаат безвизен режим, но тоа никако не значи откажување од политиката на проширување – оценува Стефановски.

Тој додава дека иако во Брисел постојат земји членки на Унијата со десничарски влади, сепак тие не се во можност да ја наметнат политиката на затворање на границите на ЕУ кон Западен Балкан како официјална.

Што е потребно за онлајн формуларот?

Инаку за пријавата на ЕТИАС ќе бидат потребни податоци од биометриски пасош, дигитална фотографија, податоци за државата во која се патува, а се пополнуваат и прашања за здравствената состојба, претходни имиграциски патувања и кривично досие или употреба на дроги на патникот. ЕТИАС нема да бара податоци за вакцина или прележување на ковид-19. Дозволата за патување не мора да се печати по одобрувањето.

Апликациите автоматски ќе се обработуваат врз основа на три фактори. Ќе се проверува дали идентитетот одговара на пасошот, дали деталите во пасошот одговараат на другите информации во формуларот и дали станува збор за исправен пасош, како и дали одговорите на основните прашања одговараат со податоците во базата на податоци на ЕУ.

Фактори за одобрување

Апликациите автоматски ќе се обработуваат врз основа на три фактори. Ќе се проверува дали идентитетот одговара на пасошот, дали деталите во пасошот одговараат на другите информации во формуларот и дали станува збор за исправен пасош, како и дали одговорите на основните прашања одговараат со податоците во базата на податоци на ЕУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот