
Новата продукција на „Госпоѓа Бовари“ е посветена на јубилејот на прима балерината Марија Кичевска Шокаровска
На сцената на Националната опера и балет, на 25 јуни, со почеток во 20 часот, ќе се одржи премиерата на новата балетска продукција „Госпоѓа Бовари“, инспирирана од безвременскиот роман на Г. Флобер. Ова сценско остварување е посветено на јубилејот 25 години уметничка дејност на прима балерината Марија Кичевска Шокаровска, која со својата енергија, емоција и посветеност остави длабок белег во историјата на македонскиот балет.
Препорачано
Балетското дело „Госпоѓа Бовари“, поставено во два чина, ја раскажува драмата на женската душа, копнежот по страст, слобода и трагичниот судир со општествените норми.
Диригент е Едуард Амбарцумјан од Ерменија, кореографијата ја потпишува Виктор Ишчук од Украина, кој со прецизност и современ израз го доловува духот на 19-иот век, додека музичката подлога е составена од дела на К. Сен-Санс, М. Равел, Ж. Масне, Ф. Менделсон и Г. Ф. Хендл. Сценографијата и костимографијата се на Андреј Злобин и Гана Ипатиева од Украина, дизајнот на светло е на Милчо Александров, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а генерален менаџер на проектот е Киро Павлов.
Особено значајно е што оваа премиера е посветена на Марија Кичевска Шокаровска, која со својата уметничка кариера остави неизбришлив печат во историјата на македонскиот балет.
Таа ќе ја толкува главната улога на Ема Бовари, во останатите улоги ќе настапат, Франциско Хименез Руиз (Шарл Бовари), Балаж Лочеи (Рудолф Буланже), Дмитро Чеботар (Трговецот Лере) и Ендру Кук (аптекар) заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 286, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 21-22.6.2025)