
Новата книга на Димитрие Дурацовски е хибридно прозно патување низ книжевноста, музиката и филмот
Издавачката куќа „Арс Ламина – публикации“, во рамките на едицијата „Арс Либрис“, ја објави и на 19 јуни ја промовираше книгата „Околу три по полноќ“ на струшкиот писател и сликар – надреалистот Димитрие Дурацовски.
Препорачано
Промоцијата на книгата „Околу три по полноќ“ на Димитрие Дурацовски се одржа во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ пред многубројна публика. На промоцијата присуствуваа книжевници, писатели, новинари, читатели и поклоници на делото на, според многумина, култниот струшки автор. Димитрие Дурацовски изјави дека „Околу три по полноќ“ е негово хибридно прозно патување низ книжевноста, музиката, филмовите, и воопшто уметноста.
– Во Скопје дојдов со моите другари со кои се дружам од детството. Во Струга, секој ден во 12 часот пиеме кафе во една слаткарница, а потоа се среќаваме повторно во 19 часот во едно кафуле. Во меѓувреме, секој е преокупиран со своето секојдневие, а моето е опкружено со многу книги – постојано читам, слушам музика, гледам филмови… а понекогаш и нешто пишувам. Така настана и оваа книга, без некоја амбиција да биде нешто големо, прозаично – рече Дурацовски и го прочита воведот од книгата: „Ние само ќе ги забележиме залезите на сонцето, по некој минувач, имињата на нашите блиски, долгите сенки на врелите летни попладниња, ноќното небо посеано со ѕвезди и шумот на брановите на езерските води. И потоа – ништо. Ќе исчезнеме и самите.“

Низ надреалистичната промоција, присутните ги водеа промоторите Влада Урошевиќ, кој го напиша поговорот на книгата, и уредничката Оливера Ќорвезироска. Тие истакнаа дека „Околу три по полноќ“ е многу нешта: хибридна проза, експериментален роман, несекојдневен дневник… прегратка меѓу текстуалното и визуелното, меѓу дарбата и знаењето… но, над сè – раскошен каталог на едно широко време и едно длабоко постоење. Бесценет експонат од изложбата на современата македонска книжевност.
– Оваа книга е вистинскa посластица за љубителите на писмото на Дурацовски, но и општо за љубителите на поинаквото, различното, на „пловењето“ настрана од сите струи, правци и витли во книжевниот контекст; книга за губењето и наоѓањето на времето… Таа е надоврзување на четирите претходни книги на авторот (култните збирки „Тајна историја“ од 1986 и „Црни пророци“ од 1996, особено на романите „Insomnia“ од 2000 и „Бледи сенки, далечни гласови“ од 2014, за кои Дурацовски двапати го доби Рациновото признание) и само го потврдува впечатокот дека овој бележит автор пишува ЕДНА ИСТА КНИГА сето свое творечко време. ЕДНА ИСТА КНИГА – која ги содржи напишаните, но, најверојатно, ќе ги собере и неговите сè уште ненапишани книги – рече Ќорвезироска.
Академик Влада Урошевиќ раскажа како го запознал авторот, со кој споделува многу слични афинитети – книжевни и, воопшто, уметнички. Урошевиќ нагласи дека „Околу три по полноќ“, како и сите досегашни дела на Дурацовски, им носи обилна доза уживање на книжевните гурмани.
Станува збор за речиси графички роман, каде што визуелното претставува доработка на раскажувачкиот ритам на Дурацовски. Во книгата се вклучени повеќе од 120 фотографии, плакати, омоти од книги и плочи, како и уметнички слики – сè со цел да се реализира хибридниот текстуален концепт и на визуелно ниво.
Книгата, која е вклучена во едицијата „Македонски книжевни класици“ на „Арс Ламина“, е уникатно издание, отпечатено со две различни корици: празничен примерок и делничен примерок. На неодамна доделените награди на Македонската асоцијација на издавачи, на Саемот на книгата 2025, книгата освои второ место за највпечатлив целосен дизајн (корица и внатрешност) на издание за возрасни. Автор на дизајнот е Марко Трпески.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 287, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 28-29.6.2025)