Нова студија покажа дека кучињата навистина ги разбираат нашите зборови

Фото: Pexels / KATRIN BOLOVTSOVA

Дали нашите кучиња можат да ги разберат зборовите што ги користиме?

Една нова студија за мозочните бранови, објавена во списанието „Кјурент бајолоџи“, покажува дека слушањето на имињата на нивните омилени играчки ја активира меморијата за предметите со кои се поврзани.

„Ова ни покажува дека тоа не е само човечка способност“, изјавила за АФП авторката на студијата Лила Маџари од унгарскиот универзитет Лоранд-Етвес.

Прашањето дали кучињата разбираат зборови или ситуација, како што е употребениот тон или одреден контекст, одамна е нерешено и науката не може да даде јасни одговори. Во минатото, неколку лабораториски тестови покажаа дека кучињата, со мали исклучоци, сепак не можат да извлечат предмети откако ќе ги слушнат нивните имиња.

Многу експерти тврдат дека она што ги мотивира не е она што им го кажуваме, туку како и кога го правиме тоа. На пример, кога сопственикот му вели на кучето „донеси го стапчето“, а кучето го носи, тоа не докажува дека знае што значи зборот „стапче“.

За оваа нова студија, Лила Маџари и нејзините колеги користеле неинвазивна техника за снимање на мозокот на 18 кучиња. Со помош на електроди поставени на нивните глави, тие ја снимиле мозочната активност.

Нивните сопственици кажувале зборови за играчките што им биле познати, а потоа им го покажувале или соодветниот предмет или друг предмет. По анализата на снимките од ЕЕГ, тимот открил различни модели на мозокот кога на кучињата им биле прикажани соодветни предмети или други предмети.

Овој тип на експеримент, кој со децении се користи врз луѓето, се смета за доказ за разбирање на значењето и исто така ја има предноста што не бара кучето да земе предмет за да го докаже своето знаење.

„Го откривме овој ефект кај 14 кучиња“, изјавила за AFP коавторот на студијата Маријана Борос.

Таа вели дека оваа способност не е ограничена на „неколку исклучителни кучиња“. Дури и четирите кучиња кои „паднале“ на тестот можеби едноставно биле тестирани за погрешни зборови.

„Способноста на кучињата да донесат одредена играчка откако ќе го слушнат нејзиното име порано се сметаше само за талент. Но, новата студија покажува дека цела низа кучиња ги учат имињата на предметите во однос на одговорот на мозокот, дури и ако тоа не го покажуваат преку однесувањето“, изјавила за АФП Холи Рут-Гутериџ, куче-бихејвиорист од Универзитетот Линколн во Англија.

Федерико Росано, когнитивен научник од УС Сан Диего вели дека студијата „обезбедува дополнителни докази дека кучињата можат да ги разберат човечките гласови многу подобро отколку што ние обично им даваме заслуга“.

Сепак, не сите експерти се подеднакво ентузијасти. Клајв Вин, кучешки бихејвиорист на Државниот универзитет во Аризона, вели дека има „поделено мислење“ за резултатите.

„Истражувањето не држи вода кога се обидува да го демонстрира она што го нарекува ‘семантичко разбирање’“, рекол тој.

Сепак, тој го пофалил „генијалниот“ експериментален апарат што овозможува да се тестира целиот „функционален речник“ на кучињата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот