Сцена од претставата „Фамилијата Адамс“

Нова претстава на сцената на Драмски театар е „Фамилијата Адамс“ во режија на Теа Беговска

Колективот на Драмски театар Скопје ја најави премиерната изведба на новата претстава на својата сцена. Станува збор за црната комедија „Фамилијата Адамс“, која е поставена со адаптација и во режија на Теа Беговска. Претставата комплетно е реализирана со сопствени средства на Драмски театар Скопје.

Директорот на Драмски театар, Роберт Вељановски, на прес-конференција соопшти дека „Фамилијата Адамс“ е четврта премиера во тековната 2024 година. Претставата е подготвена во краток рок од 37 дена, а првата проба се одржала на 19 ноември. Премиерната изведба на претставата ќе се одржи на 25 декември, во 20 часот.

Претставата е поставена според култната серија „Фамилијата Адамс“, која имала повеќе телевизиски и филмски верзии, а режисерката Теа Беговска при подготовката на адаптацијата главно се задржала на филмските остварувања од 1991 и 1993 година.

– Фамилијата Адамс е „нормалното“ во ненормалното. Како светот да се претворил во една голема фамилија Адамс, која секоја општествена и социјална ненормалност ја прифаќа и живее како нормална. Овие добро препознатливи и екцентрични ликови со мрачен хумор, сместени во т.н. гробница на Светот (каде се закопани нивните предци) – „танцуваат“ во СВОЈАТА нормалност, во СВОИТЕ вредности за живот и смрт. Овој мрачен дом на Фамилијата Адамс е светилиште каде се слави смртта, но, се слави и љубовта – тајната состојка со која опстојува династијата Адамс. Светилиште во кое и нормалните стануваат ненормални на свој начин. Во денешниот свет, каде секојдневието станува сѐ поголем хаос, Фамилијата Адамс е, можеби, симбол за издржливост. Тие остануваат цврсти во својата посветеност еден кон друг, незасегнати од тој надворешен хаос. И така сѐ до крај… сѐ до крајот на животот… а и после тоа – посочува режисерката Теа Беговска.

Огромен креативен предизвик за режисерката било што првпат работи со голема актерска и уметничка екипа. Во поставувањето на претставата работеа Никола Пијанманов на сценографијата, костимите се на Ратка Џамбазовска Коцев и Раде Василев, музиката е на Енес Беговски, а кореографијата на Бојан Лазаров. Во претставата се користи видеомапинг на Милчо Узунов, пиротехнички средства, кои ги подготви Методија Најдоски, и нагласени звучни ефекти.

Прес-конференција за претставата во Драмски театар Скопје

Актерската екипа ја сочинуваат Предраг Павловски, Трајанка Илиева Вељиќ, Гордана Ендровска, Нина Елзесер, Сашо Тасевски, Томислав Давидовски, Марјан Наумов, Емилија Мицевска, Златко Митрески, Маја Вељковиќ Пановска.

Како Духови (хор) во изведбата се вклучени осум студенти од драмските академии „Европа прима“ и ФДУ, и тоа Јована Миладинова, Ема Лазарова, Луна Миќевиќ, Стефан Арсиќ, Кристијан Петковски, Енис Билаловиќ, Анастасија Митровска и Мартин Мазнев.

Најголемиот предизвик на актерите бил како да ги „скинат“ сите гестови и мимики на ликовите чии карактери се многу познати, имајќи ги предвид бројните екранизации на „Фамилијата Адамс“, а со тоа се препознатливи и уникатни. Притоа секој од актерите се обидувал да стави и свој печат на ликот што го игра.

Во однос на изборот „Фамилијата Адамс“ да биде поставена на сцената во Драмски театар Скопје, директорот Вељановски објасни: „Бидејќи живееме во време каде што немаме утврдено што е нормално, го изгубивме она што било нормално и сега нешто што било ненормално станало нормално. Сега се обидуваме да дознаеме на тоа ненормално што е нормалното!?“

На крајот од годината директорот Вељановски ја најави новогодишната претстава за деца „Каде е Рудолф?“ во режија на Изабела Јакимова, што ќе биде изведена на 28 декември.

За почетокот на 2025 година Вељановски ги најави подготовката на нова претстава, објавата на конкурсот за драмски текст „Горан Стефановски“ и настанот „Денови на независниот театар“ во Драмски театар, што ќе се одржи од 14 до 18 јануари 2025 година. Во 2025 година Драмски театар ќе воведе и блок-билети за претставите од својот репертоар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот