Нов Зеланд напредува во војната за истребување на стаорците, сѐ до последниот

Илјадници стапици се поставени низ Нов Зеланд - Фотографија Profimedia

Кога полинезиските доселеници пред седум века ги донесле и првите стаорци, на островите живееле милиони киви. Денес има милиони стаорци и едвај 70.000 киви

Новозеландските власти почнаа обемна операција за истребување на сите стаорци, во обид да ги заштитат кивите и другите автохтони птици, кои се загрозени од инвазијата на штетните глодари.

Заканата од напасниците особено се зголеми за време на пандемијата на ковид-19, кога поради ограничувањата на движењето на луѓето немало повеќе што да ги спречи стаорците да го прошират уништувачкиот поход и во градовите, засолнувајќи се од студот и пронаоѓајќи изобилство храна.

Нов Зеланд се одвоил од прастариот Суперконтинент пред да се развијат цицачите, поради што птиците немале непријатели на земјата и еволутивно не се развиле во летачи. Овие острови, исто така, најдоцна биле населени од луѓе. Кога во 13 век пристигнале Полинезијци, со себе ги донесле првите стаорци, кои биле мали и се хранеле главно со семиња.

Европските доселеници подоцна донесле и поголеми стаорци, кои се хранеле и со јајца и птици. Во тој период на островите живееле милиони киви, денес има милиони стаорци и едвај 70.000 киви. Птици туи имало илјадници, а сега се екстремно загрозени и внимателно се следи секое гнездо.

Останати се едвај 70.000 птици киви, националната гордост – Фотографија Profimedia

Таква средина за размножување на стаорците е идеална, бидејќи немаат природни непријатели, а имаат изобилство храна – семиња, овошје, но и мали гуштери, птици и нивните јајца, сериозно загрозувајќи ја природната биолошка рамнотежа и опстанокот на домородните видови.

Најраспространети и најопасни се бродските стаорци, кои вешто се качуваат по дрвја, јадат јајца и мали птици во гнездата, како и овошје. Норвешките, пак, се најголеми и ги уништуваат семињата и инсектитета, кои во исто време се главната храна и за птиците.

Нов Зеланд во изминатите 60 години организирал повеќе акции за регулирање на популацијата на стаорците, а сега ги ангажира сите сили и средства за да ги запре и да ги уништи глодарите. Во одбрана на новозеландските птици беа „мобилизирани“ и најмладите. Откако училиште на островот Стјуарт лани објави натпревар во ликвидација на штетниците, четириесетина ученици за само сто дена убиле повеќе од 600 стаорци. Петгодишно момче се фотографирало покрај 60 трофеи.

Таквите акции ги поттикнаа властите да изработат долгорочна и сеопфатна стратегија, чија цел е до 2050 година да бидат истребени сите стаорци на островите, сѐ до последниот!
На полињата патролираат професионалци и доброволци, кои трагаат по дувла, поставуваат мрежа од стапици, кои редовно се проверуваат и се заменува мамецот – затруен путер од кикирики.

Новозеландските власти се охрабрени од успехот на Јужноафриканците кои целосно ги сотреа стаорците на Саут Џорџија, остров во јужниот Атлантик со должина од 170 километри, за да ги заштитат пингвините и други океански птици. Во обемната операција беа користени и воени хеликоптери.

Нов Зеланд е многу поголем архипелаг, со површина речиси колку Италија, но властите се убедени дека можат да ја остварат својата цел до 2050 година. Автор на проектот за целосно истребување на стаорците е природонаучникот сер Пол Калахан, кој тврди дека војната може да биде добиена ако не попуштат инвестициите и мобилизацијата. Властите формираа специјална јавна институција, со ќелии во секој регион. Доброволци и професионалци поминуваат низ обука за да ги откриваат гнездата, да ги ловат глодарите и да споделуваат информации. Секој мртов стаорец се носи во лабораторија на аутопсија заради следење на ефикасноста на отровите и распространетоста на гнездата.

Во Зеландија и во многу други резервати прогласени за „ослободени“ територии се поставени огради и контролни точки, на кои строго се контролираат возилата и торбите на секој што влегува во зоната. Во одбраната на птиците се мобилизирани и кучиња, дресирани да надушкаат стаорци.

Билогот Џејмс Расел инсистира сите локални иницијативи да се координираат во националната војна, зашто инаку би биле попусти.

– Ќе спасите птици на едно место, тие ќе преминат на друго, па ќе се вратат. Истребувањето е скапо, но го правите еднаш и готово – вели биологот.

Тој ги отфрла критиките за „моралната одговорност кон цицачите“.

– Нема лесен и брз одговор. И општествата и поединците треба да соочат сложени аргументи. Новозеланѓаните колективно решија дека вистинскиот одговор е да жртвуваат еден вид, за да спасат други видови – вели Расел.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот