Плакат за првиот фестивал што ги обединува независните театри од Западен Балкан

Нов слободен простор за творештво се создава со фестивал на независните театри од Западен Балкан

Театарскиот колектив „Штрих“ го најави „Under 600“ – првиот фестивал што ги обединува независните театри од Западен Балкан, што ќе се одржи од 25 до 28 септември на различни локации во Скопје, а поддржан е од Британскиот совет.

Преку овој ревијален фестивал, публиката ќе има можност да се запознае со моменталните трендови и естетички тенденции во современиот независен театар во регионот, како и предизвиците со кои тој се соочува.

Како организатор на фестивалот, „Штрих“ ќе биде домаќин на 12 претстави и перформанси и тоа со фокус на македонската продукција. Програмата ја сочинуваат и настани за вмрежување, како и специјална програма со фокус на млади театарски уметници, која вклучува проследување на фестивалот од студенти од регионот и презентирање на две претстави. Овие активности се насочени кон поддршка на следните генерации театарски креатори и создавање на платформа за размена на искуства и соработка.

Со настани низ целиот град на јавни, алтернативни простори, кафулиња и неконвенционални локации, фестивалот ќе го потенцира проблемот со простор на независната сцена и креативните решенија што таа ги користи за да се справи со него. Регионалниот карактер на фестивалот дополнително овозможува создавање на една заедничка енергија, запознавање и заедничко согледување на творечките сличности и различности во регионот.

„Штрих“ е независен театар основан во Скопје во 2021 година, посветен на создавање слободен простор за творештво. Преку смели театарски продукции, издавање драмска литература и меѓународни соработки, нивната визија е да се подигне свеста за независниот театар и да се катализира уметничко и општествено влијание.

Мисијата на „Штрих“ е да ја разгори фантазијата, да ги предизвика перспективите и да ги обедини заедниците преку моќта на театарот. „Under 600“ е иницијатива за зајакнување на независниот театар во регионот на Западен Балкан, создадена од „Штрих“ заедно со „Дах театар“ од Србија и „Корифеј театар“ од Црна Гора.

Иницијативата започна со креирање онлајн платформа за споделување и комуникација во секторот, настани на фестивалите „Уметноста и човековите права“ на „Дах театар“ и „Корифеј фестивал“ во Колашин, Црна Гора. Фестивалот е главниот фокус на оваа програма. Оваа иницијатива е дел од проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“ (CC4WBs), финансиран од Европската унија, кој има за цел да го подобри дијалогот во Западен Балкан преку зајакнување на културниот и креативниот сектор, како и развој на потенцијалот на секторот за социо-економско влијание во овој регион.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 299, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 20-21.9.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот