
Ниедна власт не сака силно, туку послушно и немоќно Обвинителство зависно од полицијата
Јавните обвинителства во цела Македонија се екипирани на принципот „двајца без тројца“. Недостасуваат кадри и компјутерска опрема. Систематизациите на работните места не кореспондираат на реалните потреби предизвикани од брзорастечкиот криминал и корупција што доведува до тоа приливот на предмети да расте, а незавршените предмети да се множат. Само во 2023 година секој јавен обвинител од основните обвинителства добил да работи 180 нови предмети, покрај старите што веќе ги имал.
Препорачано
Недостигот на администрација пак, прави еден вработен истовремено да запишува предмети, да изигрува сметководител, да биде и записничар и доставувач. Ваквата расеаност на повеќе работни задачи, со себе носи голем број ризици за ефективно и ефикасно завршување на работните задачи.
Извршната власт сака Јавното обвинителство да остане зависно од Министерството за внатрешни работи, коментира за „Слободен печат“ професор доктор Гордан Калајџиев.
Тој уште во 2020 година, во публикацијата „Заслепена правда“ констатирал дека иако теоретски Јавното обвинителство треба да доминира во предистражната постапка, во практиката полицијата ужива голема автономија во оваа иницијална фаза од постапката.
И покрај тоа што полицијата, според законот, е функционално подредена на Јавното обвинителство, кое има овластување да ги насочува полициските истраги, ваквата фактичка автономија делумно се должи на неколку фактори: фактот што полицијата е пооперативна, пасивноста на Јавното обвинителство, неинформирањето на Јавното обвинителство од страна на полицијата и другите органи кои го спроведуваат Законот, сè додека не се подготви кривична пријава, административната подреденост на овие органи на Министерството за внатрешни работи и на Министерството за финансии, од кои фактички зависи кариерата на службениците кои го применуваат Законот и недоволниот персонален кадар во обвинителството кој претходно треба да биде едуциран за спроведување на Законот, пишува професор Калајџиев во публикацијата.
Во 2025 година, пополнета е само една третина од јавнообвинителската администрација, има 5 информатичари за цела држава, дактилографи и записничари за распитите недостасуваат. Нема обвинители во ОЈО Ресен, Крива Паланка и Делчево, а во други обвинителства состојбата е критична.
На пример во Јавното обвинителство Гевгелија подолг временски период работи само една обвинителка, што четири години не отишла на одмор, а според зборовите на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски од работа таа „не знае што е ден а што е ноќ“.
-Имав разговор со јавната обвинителка од Гевгелија и таа буквално не знае што е одмор. Никогаш последните 4 години не била на одмор. Самата вели дека не знае што е ден а што е ноќ. За да се ублажи таа сотојба неколку месеци овластив две обвинителки од ОЈО Велес да ѝ помагаат. Тоа е помош но не е трајно решение. Состојбата во поглед на јавнообвинителската служба е навистина алармантна зашто во моментов имаме 95 јавни обвинители помалку, изјави за „Само прашај“ државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Министерството за финансии не дава да се вработат јавнообвинителски службеници
Тој во интервјуто алармира дека состојбата може само да се влошува а не и да се подобрува, зашто потребни се 3 години да се креира кадар од Академијата за судии и јавни обвинители. Оној кадар што веќе е произведен пак, повеќе е заинтересиран за судската функција, а не за јавнообвинителската, а новите кадри исто така не смеат да постапуваат во предмети каде затворските казни се повисоки од 5 години.
-Со новата систематизација бројот на јавнообвинителски службеници што е предвидена ќе биде околу 1.000. Но, во цела држава во моментов располагаме со 360 до 370 службеници, зависи колку отишле на боледување. Јавнообвинителската служба со која работиме е една третина од предвидената, додава Коцевски.
Министерството за финансии не дало одобрение за 2025 да биде вработен ниту еден нов ваков службеник така што службата и понатаму ќе „тера“ со старите сили.
На таа територија со два гранични премини, една обвинителка е оставена да се бори против криминалот сама. Во ОЈО Кичево има тројца обвинители. Но, во 2025 ќе останат двајца од кои ниеден не може да постапува со проширена надлежност, односно не може да постапува за кривичните дела за кои се предвидени најтешките казни. Според систематизацијата во Кичево треба да има 7 обвинители.
Во ОЈО Кочани и ОЈО Штип капацитетите се преполовени. Во битолското обвинителство потребни се 11, ама работат само 5 обвинители. Во последниот период и во Скопје најмногу како резултат на одлив поради пензионирање намален е бројот на активни јавни обвинители на само 39 што е премалку со оглед на обемот на работа.
Состојбата е толку алармантна, што буквално не постои ниедно обвинителство во Македонија што е на задоволително ниво со кадровски ресурси освен дебарското – од предвидени двајца обвинители, двајца работат.
Во 2023 година, јавнообвинителската администрација штрајкуваше и во тоа време се примаа само итни пријави. Таа година проблемот со човечки ресурси беше нотиран и во годишниот извештај за работата на сите јавни обвинителства и прогласен беше за акутен. Советот на јавни обвинители во 2023 донел одлука да има 261 јавен обвинител, ама во 2023 година пополнети беа само 179 јавнообвинителски места, едвај 68,6 проценти од предвидениот број. Со други зборови, од 2022 до 2023 дошле само 5 нови обвинители во цела држава. Фалат и преведувачи ама не може да се обезбедат бидејќи никој не се пријавува на јавните огласи.
Во текот на 2023 година, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија распиша јавен оглас за вработување на 43 јавнообвинителски службеници и 7 хигиеничари, но јавниот оглас не беше реализиран во тековната 2023 година, затоа што беше распишан на 18.12.2023 година, бидејќи тогаш беше добиена согласност од Министерството за финансии.
Пополнетоста генерално на сите профили на службата останува на многу ниско ниво, односно пополнети се само 373 работни места, од вкупно предвидените 1.126. Ова значи дека во однос на стручната служба, пополнети се помалку од 33% од потребните места, а дополнително обвинителството се соочува со континуиран одлив на кадар по основ на пензионирање, но и по други основи. Затоа постои недостаток на кадар во сите 28 единки на јавното обвинителство.
Непополнетоста на околу две третини од предвидените работни места согласно Правилникот за внатрешна организација и систематизација, крајно негативно се одразува во поглед на секојдневното работење на јавното обвинителство, пишува во годишниот извештај за 2023 година.
Исто било и во 2022 година
И во 2022 година, истите проблеми со кадарот, опремата, екипираноста му стоеле на патот на јавнообвинителскиот систем. Советот на јавни обвинители предвидел за 2022 година да има 262 обвинители, ама до крајот на годината пополнети биле 174 места, односно се работело со 88 јавни обвинители помалку од предвидените. Во 2022 исто како и денес, не била пополнета систематизацијата како што треба туку многу пооскудно, до степен што во годишниот извештај за таа година се наведува дека ова „ја доведува во прашање успешноста на извршувањето на јавнообвинителската функција“.
Во поглед на опремата, јавните обвинителства во државава работат како да е времето на гулабите писмоносци. Поседуваат 200 десктоп компјутери постари од 10 години, со оперативен систем за кој добавувачот веќе не им дава поддршка.
Уште во 2023 година од годишниот извештај за јавните обвинителства, јасно било дека за истражните центри што постојат во ОЈО ГОКК и во обвинителствата во Скопје, Куманово и Тетово – државата не дава пари. Се финансираат од донации и од сопствени средства, а улогата им е полесно да ги обезбедуваат доказите и да се скрати времетраењето на истрагата. Со истражните центри идејата беше да се зајакнат и осамостојат обвинителствата при преземањето на истражните дејства.
Коцевски пред разрешување, проблемите пред продолжување
Процедурата за разрешување на државниот јавен обвинител е почната. Премиерот Христијан Мицкоски му порача сам да си даде оставка а владата на седница ќе го разгледува предлогот на Министерството за правда за неговото заминување денеска.
Имаше тој доволно можност да се размрда, да се покаже како бескомпромисен борец за правдата и против оние случаи каде што има основано сомневање за сторен криминал. Но, очигледно, дека барањето изговори и купувањето време се нечија карактерна особина. Така што мислам дека имаше тој доволно време да покаже, за жал, таа доверба не ја оправда изјави премиерот.
Во меѓувреме, оставка поднела обвинителката Наташа Крстевска Цалева која на 10-ти февруари беше избрана за јавен обвинител кој ќе раководи со работата на Вишото јавно обвинителство Скопје за време додека трае оддалечување од вршење на функцијата на Вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи.
Во мислењето од Министерството за правда Коцевски се „товари“ за низа скандали, нарушена функционалност на Јавното обвинителство, иако конкретно не е наведено за кои скандали станува збор и како Обвинителството не функционирало, дури и за незаконско постапување и корупција што всушност е кривично дело, за кое ако постои, има кривична, а не дисциплинска одговорност.
Но, најсериозна закана по независноста на Јавното обвинителство е зависноста од извршната власт, според анализата „Заслепена правда“, затоа што Јавното обвинителство ја спроведува политиката на законодавната и на извршната власт, преку примена на законите кои тие ги предлагаат и усвојуваат, но
извршната власт ги обезбедува и сите други претпоставки за негово функционирање – од финансирање
до предлози за избор и именување и разрешување.
Експертите во оваа анализа потенцираат дека независноста на јавните обвинители се постигнува и се
штити преку начинот на избор и начинот на разрешување на обвинителите, преку можноста непречено и самостојно да се извршува обвинителската функција, преку изборот на обвинителите, преку напорите за квалитетна едукација, преку диференциран и јасен однос кон институциите кон кои јавниот обвинител
е упатен во својата работа, преку обезбедување средства за негово финансирање, преку изнаоѓање административно-технички решенија за достоинствено вршење на функцијата и низа други околности.