
Неверојатно откритие: На астероид пронајден минерал што го нема на Земјата
Две мали зрна карпа од астероидот Рјугу, донесени на Земјата во 2020 година од мисијата Хајабуса2, содржат минерали постари од сите пронајдени на нашата планета. Едното зрно доаѓа од површината на астероидот, другото од неговата внатрешност, и тие претставуваат неверојатни архиви на раниот Сончев систем, пишува „Саенс алерт“.
Препорачано
Рентгенската анализа на овие примероци, објавена уште во 2024 година, неодамна беше подетално објаснета во соопштението од Националната лабораторија Брукхејвен при Министерството за енергетика на САД. Научниците користеа напредни техники што им овозможуваат да го проучат хемискиот состав без да го оштетат скапоцениот материјал.
„Убавината на овие комбинирани техники е во тоа што можеме да го измериме хемискиот состав и на надворешноста и на внатрешноста на примерокот без да го оштетиме“, рекол лидерот на проектот Пол Нортруп, геонаучник на Универзитетот Стони Брук.
„Ова е важно за зачувување на толку ретки и уникатни примероци, особено кога стотици истражувачи се натпреваруваат за пристап до толку мала количина материјал“, додал тој.
Геохемискиот запис за раниот Сончев систем на Земјата одамна е избришан од геолошките процеси. Сепак, астероидите богати со јаглерод како Рјугу ги избегнале овие сурови планетарни услови, што значи дека нивните примероци се релативно чисти и неконтаминирани.
Секое зрно што го собрале научниците е исклучително вредно. Вкупно има само 5,4 грама материјал достапен, а тимот на Нортрап можеше да анализира само 9,3 милиграми.
Користејќи две техники на снимање со Х-зраци, истражувачите открија различни минерали и соединенија, вклучувајќи селен, манган, железо, сулфур, фосфор, силициум и калциум. Според соопштението, фосфорот се наоѓал во две форми: како минерал што се наоѓа во нашите коски и заби и како редок фосфиден минерал што не постои на Земјата.
Иако работата на тимот на Нортрап не го потврди точниот минерал, понатамошните истражувања подоцна во 2024 година открија хидриран амониум магнезиум фосфор (HAMP). Тоа е кристален минерал што не се наоѓа на нашата планета и е најсличен на копнениот струвит, кој е тесно поврзан со биолошките процеси и формира главна компонента на некои бубрежни камења.
„Откривањето на HAMP зрна во примероците од Рјугу продолжува да ја истакнува потенцијалната улога на вонземската материја во потеклото на животот на Земјата“, напишал астробиологот Метју Пасек во „Нејчр астрономи“ во 2024 година.
Секоја нова информација извлечена од примероците од Рјугу нè носи еден чекор поблиску до разбирање на самите почетоци на нашиот Сончев систем.
Студијата е објавена во списанието „Геосаенсес“ (Geosciences).