Илустрација / Фото: Moa Thorneby / Alamy / Alamy / Profimedia

Неверојатна приказна! Со помош на Четџипити дешифрирале порака во шише стара 18 години

Неверојатната приказна започнува во 2018 година, кога Малте Бајер и неговото семејство од регионот на Шварцвалд во Германија пронашле порака во шише, украсено со цртежи од шарени риби, морски коњчиња и мали чамци.

Тие виделе мало, изгребано шише меѓу школките на плажата во Хернум, додека внатре имало едвај видливо парче хартија, објавува „Т-онлајн“.

„Можевме да разликуваме само два збора – Англија и името на градот од кој е испратена пораката, сè друго беше нечитливо“, објаснил Бајер.

Семејството го чувало шишето како сувенир, сè додека сопругата не предупредила дека пораката наскоро целосно ќе исчезне. Потоа Бајер решил да проба нешто ново – да побара помош од вештачка интелигенција во дешифрирањето на писмото.

Во серија дигитални експерименти, вклучувајќи го и Четџипити, тој успеал да ја реконструира пораката и да заклучи дека ја испратило девојче по име Линда, уште во 2007 година. Во тој период, Линда имала помеѓу 11 и 16 години.

„Бев фасциниран. Четџипити не само што го прочита оштетениот текст, туку и ја погоди староста и можното патување на шишето“, рекол Бајер.

Според дигиталната анализа, шишето веројатно било фрлено во реката Темза, а потоа стигнало до Северното Море и германскиот брег. За жал, трагата на Линда е изгубена таму – денес има компанија на адресата што ја дала.

Експертите велат дека овој вид примена на вештачката интелигенција станува сè почеста.

„Современите јазични модели препознаваат многу повеќе од текст – тие анализираат шеми, слики и стил на пишување“, објаснил Михаел Ханиш од компанијата Еј-даблју-ес.

Модерната технологија веќе се користи во бројни индустрии – од логистика до осигурување – секаде каде што е потребно дигитално да се обработуваат тешко читливи или рачно напишани документи.

Иако Линда можеби не знае дека нејзината порака стигнала до луѓето, необичната приказна патувала низ целиот свет, благодарение на софистицираната технологија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот