Ненад Ѓорѓиевски: Ме растажува што мајка ми не доживеа да ме види во улогата на татко

Фото: Фејсбук/ Ненад Ѓорѓиевски

Оддава впечаток на секокагаш насмеан и расположен човек, а вели дека кога е лут е сериозен и намуртен, но тоа кај него кратко трае.

Ненад Ѓорѓиевски е еден од нашите најпозитивни ТВ ликови, а каков е на телевизија, таков е и приватно. Водител на Утринската на „Телма“, на Радио 2, ангажиран околу својата продукција, актуелен со караоке забави низ Македонија, Ненад е сето тоа. Но, најмногу е горд татко на близнаците Љупка и Иво, вљубен во сопругата Горана, и човек кој ужива во природата, особено во нивната викендица кај реката Пчиња.

Единствена и најголема болка му е што неговата мајка починала пред да му се родат децата, и не успеала да го види во улогата на татко.

Ненад со семејството на неговиот роденден/ Фото: Фејсбук/ Ненад Ѓорѓиевски

Неодамна се вративте од летување во Египет, какви впечатоци носите од таму, колку Хургада е летувалиште за со мали деца?

– За мене и сопругата ова не беше прва посета на Египет, но за близнаците да. Се насочивме на уживање во ресортот во кој бевме сместени, но имавме и неколку екскурзии погодни за деца, меѓу кои и возење со полуподморница каде преку стакло имавме можност да уживаме во живописните корални гребени.
Хургада дефинитивно е летна дестинација за семејни патувања, но доколку сте со мали деца, препорачувам тоа да е во месец јуни или септември. Бевме на средината на јуни, нѐ пречека пријатно време, без неподносливи горештини и прекрасно топло море. Камилите, прекрасните шарени рипчиња, анимациите во ресортот и самата египетска традиција се особено интересни за децата, но и за нас возрасните.

Колку години имаат сега Љупка и Иво, какви деца се, за што покажуваат талент?

– Љупка и Иво имаат 7.5 години, го завршија второто оддление. Љупка тренира модерен танц, неодамна се закити и со сребрен медал на интернационален денс фестивал. Иво е насочен, ќе признаам и опседнат со фудбалот. Имавме една ситуација во Египет каде се појави јахта која носеше име Принц Салах. Помисли дека можеби е бродот на познатиот египетски фудблер Мохамед Салах, па “шпиуниравме” да не случајно се појави на јахтата. Секако тоа беше туристички брод, но моравме да му истераме ќеф и едно 15- тина минути да бидеме во исчекување да се појави славниот фудбалер. (се смее)

За време на летниот период прават пауза со тренинзите , па деновите најчесто им минуваат низ маалска игра со децата од нашата зграда. Среќен сум што во денешно време, кога за жал повеќето деца се опседнати со технолигијата и сѐ помалку се надвор, Иво и Љупка имаат можност но и супер друштво со кое секојдневно уживаат надвор играјќи ги оние игри со кои и ние сме растеле. Се враќам во моето детство секогаш кога ќе викнам по нив од тераса, и ќе го чујам она од наше време: „Може ли уште малку да поиграме?“

Со сопругата Горана важите за еден од најскладните парови во јавноста кај нас, како се запознавте?

– Со Горана сме во брак речиси 13 години, а се знаеме и дружиме, веќе не знам ни јас точно, скоро половина мој живот. Се запознавме преку заеднички пријатели, а наскоро потоа почнавме и да соработуваме. Таа тогаш беше дел од продукцијата „Томато“.

Ненад со сопругата Горана во Египет
Фото: Фејсбук/ Ненад Ѓорѓиевски

Која е нејзината највредна особина, во што се надополнувате, а во што знаете да не се согласите?

– Со оглед на тоа дека нѐ поврза работата во медиумите и заедничкото друштво и контакти, дефинитивно нашиот заеднички живот е без проблеми и недоразбирања, бидејќи знае како е да си дел од јавниот живот. Таа е мој најголем и најкомпетентен критичар но и прекрасна сопруга која е мој најголем поддржувач во работата но и во секојдневието.

Пред камерите оддаваш впечаток дека си секогаш насмеан и расположен, каков си кога си лут и нерасположен?

– Сериозен и намуртен, хаха. Но, тоа се навистина ретки моменти.

Што мислиш, како каков татко те доживуваат близнаците, знаеш ли да бидеш строг или си попустлив, учиш ли од воспитувањето на твоите родители кога ти си бил дете?

– Се сметам за строг родител. Не во смисла да ги казнувам и да имаат страв од мене, но правила на однесување имало и ќе има и истите мора да се почитуваат. Се трудам да бидам добар пример за моите деца, и да им ги пренесам вредностите во животот на кои ме учеле и моите.

Кој бил најтешкиот момент во твојот живот, нешто на кое со непријатност и со тага се сеќаваш?

– Смртта на мојата мајка. Почина пред да се родат близнаците, и помислата дека не доживеа да ме види во улогата на татко секогаш ме растажува.

Се сеќаваш ли на твоето напрво појавување на ТВ, кога беше тоа, колку години имаше?

– Имав отприлика 8 години и бев гостин во една од образовно- училишните емисии на МТВ и од трема го згрешив името на улилиштето во кое учев. А како водител, неколку години подоцна, почнувајќи во Македонското радио 2 и во училишните проекти на МТВ.

Ненад со колешката Ивана во студиото на „Телма“
Фото: Фејсбук/ Ненад Ѓорѓиевски

Стана препознатлив лик на Утринската на ТВ „Телма“, познат си и по караокре забавите, што уште работиш, колку треба да трае еден ден за да стасаш сѐ?

– Успевам да го вакумирам денот, па од еден да направам три. (се смее) Со добар распоред, ги завршувам сите обврски. Со Утринската на „Телма“ денот ми започнува многу порано, па останува време да се посветам и на останатите ангажмани, во Радио 2, но и во мојата продукција. Но приоритет е и семејството, попладнето и викендите се само за нив.

Фото: Фејсбук/ Ненад Ѓорѓиевски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот