
Нека му ја мисли кој консумира месо од ајкула, ама и наполитанките станаа луксузен десерт
На повеќето ресторански менија, кои ги провери „Слободен печат“, речиси со стопроцентна сигурност не можеше да се најде специјалитет од месо од ирвас, за кое сега ќе се плаќа повисок данок од 5 на 10 проценти
На македонскиот пазар не се увезуваат перки од ајкули, или месо од кит и делфин, брифираат дел од компаниите што се занимаваат со увоз на риба и морски плодови. Инцидентно и во многу мали количества до пред некоја година можеше да се најде и месо од риба ајкула, а на повеќето ресторански менија, кои ги провери „Слободен печат“, речиси со стопроцентна сигурност нема специјалитети од месо од ирвас!? Откако ја уништивме домашната агроиндустрија и ширум ја отворивме вратата за увоз на секаков вид храна, по повеќе од десет години разбравме дека месото од ајкула и од кит, како и разни морски плодови имале привилегирано оданочување. Но тоа, според најновите даночни поместувања, веќе нема да биде така, оти Владата најави дека ќе се плаќа повисок данок на луксузни производи од 5 на 10 проценти.
Уште лани во декември министерот за финансии Фатмир Бесими соопшти дека како дел од даночната реформа што ќе следува, со законски измени ќе се укине повластената даночна стапка од 5 отсто за ДДВ на егзотичната храна. Како што тогаш рече Бесими, ни самиот не бил свесен дека во повластената стапка нема само производи како шеќер, брашно и ориз, туку има и луксузни производи како „морски кучиња и морски мачки“.
Препорачано
– Најавено е укинување на повластената даночна стапка за неколку категории што порано имале одредена цел за одреден временски период, но сега се создаваат дисторзии. Станува збор за стеснување на листата на луксузни прехранбени производи. Видовме што сè има внатре за 5 отсто, за ајкулски перки, месо од делфин, кит, тартуфи, егзотични производи, морски кучиња и морски мачки – набројуваше лани зимата Бесими.
Според министерот, ако граѓаните за оваа храна можеле да платат многу повисоки сметки од обичната, тогаш може да платат и поголем данок.
– Ако можеш да платиш за ајкулски перки од Атлантски Океан, може да платиш и поголем данок. Така е и за хималајската сол и маслиновото масло со додатоци. Ако можат да платат трипати поголема цена од обичното масло, тогаш наместо 5 отсто, нека плаќаат 10 проценти – се закани тогаш Бесими.
Но, даночната реформа заглави во Собранието, а сега по речиси 7 месеци, Владата ќе оди со европско знаменце за да ги истурка измените на Законот за ДДВ. Првиот финансиер Бесими спомена само дел од производите што ќе добијат двојно повисоко ДДВ.
– Путер од кикирики, гумени производи во форма на слатки, украсни риби, сирење со сива мувла, тартуфи, месо од ирвас, други слични производи кои всушност ги има на пазарот. Тие, пак, ќе бидат со повластена тарифа, нема да бидат 18, ќе бидат со 10 отсто – наброја Бесими. За жал, со повисоко оданочување ќе се плаќаат и бисквитите, наполитанките и кексите, кои барем досега беа со пристојни цени, но сепак станаа дел од даночната реформа.
Дали во Македонија се китиме со скапи замрзнати перки?
Светската угостителска тенденција е да се служи локална храна направена со свежи локални производи, вели за „Слободен печат“, Здравко Јосифовски, угостител.
– Странците што доаѓаат во земјава сакаат да пробаат домашна храна, домашни специјалитети, а не производи што можеби ги пробале во земјите од каде што доаѓаат. Тогаш зошто трговците и угостителите би увезувале скапи деликатеси, ако немаат кому да ги продадат? И да има клиентела, таа е мала и ограничена. Свежиот зеленчук и овошје, домашното месо и другите наши изворни специјалитети, треба секогаш да бидат први на менито, а не да се китиме со некакви замрзнати перки – вели Јосифовски.