Срѓан Ивановиќ/ Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Не Вреди да не се говори македонски

Тие се космополити, интернационалисти, Европејци, мундијалисти, тимски играчи, говорат јазици и работат на интернет експлорер. Ама пред секои избори политичарите се претвораат во ѕверови, чиниш врколаци на полна месечина. Тогаш по улиците шетаат лавови, а на небото летаат орли, во позадина се мешаат традиционални мелодии, а ушите ти ги параат дисонантни скандирања за големи, најголеми, значи за ептен големи Македонии и Албании

Земјата се врти околу сонцето, птиците преселници на крајот од летот се селат на југ, а пред секои избори во Македонија на „голема врата“ во политиката се враќа национализмот. Тоа се тие три законитости за кои знаете дека со сигурност се точни. Првите две се објаснуваат со законите на физиката и биологијата, додека последната законитост се објаснува со будалштините на нашите политичари. Еве еден таков пример.
Претставниците на Вреди на последните појавувања во јавноста одбиваат да даваат изјави на македонски јазик. Зошто? Нема тука прецизен одговор, освен констатацијата дека наскоро ќе почне кампањата за локалните избори и на тој начин ќе се прибираат гласови за своите кандидати.

lass=”western”>Така, пред некој ден, по средбата на координаторите на пратеничките групи во Собранието, на која се бараше решение за неисплатените плати во Инспекторатот за употреба на јазиците, координаторот на пратеничката група на коалицијата Вреди, Беким Ќоку, на македонски јазик на новинарите им кажа дека претставникот на ВМРО-ДПМНЕ ќе им даде изјава на јазикот што го разбираат, додека неговата изјава одеше ексклузивно на албански јазик. Интересно, но и директорот на Инспекторатот, извесен Арсим Идризи, кој исто така бил од Вреди, одби со насобраните новинари да разговара на македонски јазик. Значи, господинот Идризи, кој заедно со вработените во неговиот инспекторат не зел плата цели пет месеци, наместо на сите јазици што ги говори да бара решение за проблемот, тој решава да го игнорира јазикот на Македонците и да тера кампања. Да, вработените во Инспекторатот за употребата на јазиците се оставени пет месеци без личен доход, ама тоа е тема за друга пригода.

Македонија е прекрасно релаксирано место за политичарите, на кои секогаш им се полни устите за почитување на различностите, кои живеат во општество за сите и кои според „европските вредности“ се подготвени да живеат заедно, а не еден покрај друг. Тие се космополити, интернационалисти, Европејци, мундијалисти, тимски играчи, говорат јазици и работат на интернет експлорер. Ама пред секои избори политичарите се претвораат во ѕверови, чиниш врколаци на полна месечина. Тогаш по улиците шетаат лавови, а на небото летаат орли, во позадина се мешаат традиционални мелодии, а ушите ти ги параат дисонантни скандирања за големи, најголеми, значи за ептен големи Македонии и Албании.

>Инаку, сите тие се за членство во Европската Унија и навиваат за регионално поврзување и економска соработка со сите соседи. И потписници се на сите, буквално на сите меѓународни конвенции со кои се прокламира мирот, стабилноста и соработката. И такви се во поголемиот дел од времето, но секогаш кога пред избори ќе почнат да пристигнуваат првите резултати од анкетите на теренот, тогаш на маса се фрла картата што дава резултат – национализмот. Тоа е најевтиниот, најсигурниот и реално најефективниот пат до изборната победа. Зошто? Затоа што национализмот не е ништо друго туку реакција на страв. Страв дека поинаквиот, тој што говори на друг јазик, ќе дојде по моето. Тој ме мрази и во исто време и јас го мразам и се мразиме, и така омразени одиме да гласаме, а по пребројувањето на гласовите, ќе правиме коалиција и ќе го продолжиме „заедно да чекориме по европскиот пат исполнет со европски вредности“.

Земјата се врти околу сонцето, птиците се селат на југ, а во Македонија на избори победува национализмот. Така си е тоа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот