Фото: Pexels / Chevanon Photography

Не е сеедно какво кафе пиете: Научниците открија кој вид е поврзан со рак, а кој е најздрав?

Инстант кафето е најчестиот избор на љубителите на кафе во Европа, но експертите предупредуваат дека прекумерното консумирање такво кафе може да го зголеми ризикот од некои видови рак. Причината за тоа е што инстант кафето содржи двојно повеќе акриламид од меленото кафе – хемиско соединение што се формира кога храната, вклучувајќи го и кафето, се готви на висока температура.

Меѓународната агенција за истражување на ракот (ИАРК) го прогласи акриламидот за „веројатен канцероген“, што значи дека постојат докази дека ова соединение може да предизвика рак кај луѓето. Лабораториските студии покажаа дека акриламидот во исхраната може да предизвика рак на белите дробови и репродуктивните органи кај животните, а научниците се согласуваат дека има потенцијал да предизвика рак кај луѓето, наведува Агенцијата за стандарди за храна (ФСА).

Полската студија од 2013 година, која анализирала 42 примероци кафе, вклучително и 1о примероци инстант кафе, открила дека инстант кафето содржи двојно повеќе акриламид од свежо меленото кафе. Меѓутоа, според истражувачите од канадскиот универзитет МекГил, треба да пиете околу 1о шолји инстант кафе дневно за внесувањето на акриламид да стане проблем.

Иако инстант кафето содржи акриламид, тоа исто така има повеќе антиоксиданти од меленото кафе, што може да ги заштити клетките од оштетување. Доктор Пал Маурович-Хорват, директор за медицинска дијагностика на Универзитетот Семелвајс во Будимпешта, вели дека инстант кафето содржи меланоидин, антиоксидант кој ја зголемува разновидноста на бактериите во цревата, што може да помогне во заштитата од болести.

Филтер кафето, што се подготвува со сипување на мелено кафе и топла вода низ хартиен или метален филтер, се смета за една од најздравите форми на кафе. Норвешките истражувачи ги проучувале навиките за пиење кафе на 500.000 луѓе во текот на две децении и откриле дека четири мали шолји филтер кафе дневно може да го намалат ризикот од болести на артериите, главната причина за срцев удар.

Видовите кафе засновани на еспресото, како што се капучино, лате и макијато, се поврзуваат со придобивките за мозокот, вклучувајќи го и намалениот ризик од Алцхајмерова болест. Италијанската студија од 2023 година покажала дека екстрактите од еспресото го намалуваат таложењето на токсичниот тау протеин, еден од клучните фактори во развојот на деменцијата, кога ќе се измешаат со примероците на мозокот во петриевите садови.

Исто така, утврдено е дека кофеинот го намалува таложењето на амилоид и воспалението и смртта на клетките во мозокот, што може да го намали ризикот од деменција. Меѓутоа, според Здружението за Алцхајмеровата болест, овие тврдења досега се потврдени само кај глувците, не и кај луѓето, така што врската сè уште не е целосно докажана.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот