Дикембе Мутомбо во Атланта се лекува од тумот на мозокот/фото: EPA/DAVE EINSEL CORBIS

НБА легендата Дикембе Мутомбо има тумор на мозокот

Членот на Куќата на славните, познатиот кошаркар Дикембе Мутомбо се наоѓа во Атланта каде се лекува од тумор на мозокот, соопшти денеска НБА лигата.

Мутомбо со години е глобален амбасадор на НБА лигата, а неодамна се појави на настаните во Куќата на славните во Спрингфилд, како и на претсезонските игри во Јапонија. Исто така, во август, 56-годишниот Мутомбо бил на настан во родното Конго заедно со генералниот секретар на САД, Ентони Блинкен.

– Тој ја добива најдобрата нега од тим специјалисти во Атланта и е во добро расположение на почетокот на неговото лекување. Дикембе и семејството бараат приватност за да се концентрираат на неговата грижа. Тие се благодарни за вашите молитви и добри желби – се вели во соопштението на семејството Мутомбо, објавено од НБА.

Семејството не соопшти други детали или што довело до откривање на туморот.

Мутомбо помина 18 сезони во НБА, играјќи за Денвер, Атланта, Хјустон, Филаделфија, Њујорк и тогашните Њу Џерси Нетс и важи за еден од најдобрите блокери во историјата на НБА.

Познатиот центар беше осумкратен учесник во ол-стар натпреварот, четири пати беше најдобар одбранбен играч во лигата, трипати беше избран во најдобриот тим на лигата, а во 2015 година беше примен во Куќата на славните.

Последен пат играше во сезоната 2008/2009 и посветено работеше за хуманитарни цели. Зборува девет јазици и ја основаше Фондацијата Дикембе Мутомбо во 1997 година, фокусирајќи се на подобрување на здравјето, образованието и квалитетот на животот на луѓето во Конго.

Фондацијата изгради болница со 170 кревети во Киншаса, а таа установа лекуваше речиси половина милион луѓе без оглед на нивната способност да платат за нега.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот